Младите ќе можат да отвораат фирми со едно евро

138

Во наредните четири години Македонија би можела да стане регионален акцелератор за стартап и центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст, ако се реализираат најавите и очекувањата на министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој на вчерашната прес-конференција, на која ги претстави плановите за новиот четиригодишен мандат, објасни дека со воведување на регионалниот акцелератор, во рок од шест месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан.

– Меѓу приоритетите за поттикнување на иновативноста во земјата е и од „Македонско село“ да формираме „Стартап-село“, кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и од странство да отворат бизнис без потреба од плаќање режиски трошоци – рече Бектеши.
Министерот додаде дека веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање фирма со минимален износ на основна главнина од едно евро и дека за поддршка на бизнисот во наредниот четиригодишен мандат ќе се работи на намалување на трошоците и на административните процедури за добивање документација за потребите на бизнисот, како што се документи од Централен регистар, царина, документација за учество на тендери…