Младите најпогодени од невработеноста

108
Фото: Игор Бансколиев

Еден од елементите за невработеноста се високите очекувања што младите ги генерираат по завршување на школувањето, кога често очекуваат идеална работа, со висока плата, додека истовремено многу почесто фокусот го ставаат на дипломата наместо на вештините што ги поседуваат

Невработеноста на младите е двојно поголема од општата стапка на невработеност во земјава и изнесува 47 отсто. Тешкотиите на младите брзо да преминат од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува во вештините што тие ги имаат и оние што ги бара работното место. Експертите велат дека овој јаз е толку голем што работодавците претпочитаат работници со некакво искуство, за да го намалат трошокот за интеграција на тој работник.
Како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија, кај невработеноста на младите се клучни две работи – отворање нови работни места и промена на образовниот систем.

– Добар пример е информатиката, која се изучува во високото образование. Но младите се доста флексибилни, послободни и не се многу расположени да работат за ниска плата. Така се случува дефицитарен кадар, како информатичарите, да си замине од земјава. За споредба, во Германија, Грција и други европски земји се прават посебни програми во кои се следат потребите на пазарот – објаснуваат од ССМ.

Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, се забележува различно движење на стапките на невработеноста на младите лица во последните три години во согласност со старосната група.

– Кај старосната група 15-19 години е забележително значајно зголемување на стапката на невработеност, и тоа за 12 процентни поени, додека кај другите две старосни групи има намалување на невработеноста за 3 до 5 процентни поени. Потребно е да се утврди кои мерки и услуги даваат подобри резултати што ќе доведат до ефикасно искористување на ограничените финансиски средства наменети за активните мерки за вработување и ќе се формулираат мерки, програми и услуги во согласност со вистинските потреби на младите, но и на сите други категории невработени лица – објаснуваат од „Фајненс тинк“
Оттаму велат дека е потребен сет на мерки што директно ќе ги целат на младите лица на возраст од 15 до 19 години.

– Овие активности треба да се во насока на нивна мотивација и лично менторство во процесот на вклучување на пазарот на труд или нивна доквалификација со вештини и знаење во согласност со барањата на пазарот на труд, што би довело до зголемување на нивната вработеност – сметаат од институтот.
Тие велат дека треба да се обезбедат грантови за практиканство, преку кои компанијата ќе овозможи нововработеното младо лице да помине најмалку три месеци на три различни работни места во рамките на компанијата поврзани со вештините што ги поседува, а потоа да даде предлог за тоа што најдобро одговара на неговите вештини.

– Потребно е да се воведат задолжително практиканство за време на школувањето, промовирање на неформалното образование и субвенционирање високотехнолошки компании за дизајнирање и испорака на краткорочни курсеви за млади што не се ниту во образование, ниту вработени, како и развивање многу специфични обуки (на пример, аргонски заварувач), со што ќе се обезбедат можности за невработените лица да ги запознаат соодветните вештини во случај на недоволна вработеност – додаваат од „Фајненс тинк“.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека невработеноста на младите е постојан проблем во Македонија и бележи сосема незначителен тренд на намалување.
– Младите сѐ уште остануваат најизложената категорија на невработеност. Исто така, висока е и стапката на оние млади што не се вработени, а не си ниту во образование или каков било вид обука. Тешкотиите на младите брзо да преминат од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува во вештините што тие ги имаат и оние што ги бара работното место – објаснува Петрески.

Често овој јаз е толку голем, вели тој, што работодавците претпочитаат работници со некакво искуство, за да го намалат трошокот за интеграција на тој работник со работните задачи.

– Вториот важен елемент се високите очекувања што младите ги генерираат по завршување на школувањето. Тие често очекуваат идеална работа, со висока плата, и многу почесто фокусот го ставаат на дипломата, наместо на вештините што ги поседуваат. Секако, проблемот на платата е општ проблем на пазарот на труд, особено во услови кога младите лесно добиваат информација за платите на странските пазари на труд, и тоа дополнително ја поттикнува нивната желба за емигрирање – истакна Петрески.

[email protected]