Министерот Бектеши патува за Косово поради најавените економски блокади

197

По најавената блокада на мед и компир од страна на Косово, Македонија побара објаснување од Косово за најавената забрана. Агенцијата за храна тврди дека овие производи ги задоволуваат европските стандарди и затоа бараат објаснување и врз основа на кои стандарди Косово ја воведува забраната на овие производи. 

По оддржаниот состанок на надлежните институции, од Министерството за економија  дадоа информации дека во обид да се решат разумно економските блокади меѓу двете земји, министерот Крешник Бектеши утре ќе се сретне со косовскиот министер за трговија Ендрид Шала.

Косовската мерка е резултат на стопираниот увоз на икра и на порибување од Косово поради непотполна документација за здравствената исправност на материјалот. Но, косовските власти предупредија и на можна целосна забрана и блокада на производите од Македонија. 

Во соопштение до јавноста, претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека ваквата популистичка одлука од страна на Косово е неразумна и донесена во погрешно време.

Приштина претходно еднострано воведуваше повисоки царински давачки за увоз на производи од соседните земји. Во првата половина на јули 2018 година беше воведена и привремена мерка за македонските земјоделски производи со повисоки царини за 30 отсто. Од Комората на Северозападна Македонија апелираат властите на двете земји да носат разумни одлуки со цел да се избегнат неосновани штети во бизнисот.