Министерката за финансии го презентираше тимот на најблиски соработници

1037

Министерската за финансии Нина Ангеловска објави на Фејсбук дека го формирала тимот на најблиски соработници, кој е доминантно женски, но, според неа, балансот во советниците е воспоставен со надворешните експерти од полето на даночната политика и макроекономијата.

– Верувам дека формирав професионален и енергичен тим, тим кој нема да прифаќа „не, тоа не може” без пред тоа да ги проба сите начини и креативни солуции. Тим кој е подготвен да ги стави сите свои капацитети во служба на државата, да се заложи максимално за да предизвика промени и да придонесе кон градењето на силна економија, прогрес кој ќе стои на цврсти нозе, кон подобрување на ефикасноста на нашето општество, кон елиминирање на административните стеги, кон продуктивно трошење на секој денар на граѓаните, кон креирање поволна клима за бизнисите, кон квалитетни услуги и пристап за сите граѓани, кон поквалитетен живот за сите нас. Тим кој има широки интердисциплнарни познавања и меѓународно искуство и кој ќе биде посветен на постојано унапредување на фискалната транспарентност и фискалната дисциплина – напиша таа на фејсбук.

Кристина Попова ќе биде шефица на кабинетот на министерката, Ивана Станковиќ ќе биде посебен советник за јавен долг и финансиски систем, Олимпија Христова Заевска ќе биде посебен советник за меѓународни финансии, ИПА и односи со ЕУ, Ана Марија Макеска ќе биде координатор на социјални медиуми и односи со јавност, додека во кабинетот уште влегуваат универзитетскиот професор Марјан Петрески и даночниот експерт Павле Гацов.