Фото: Маја Јаневска-Илиева

Продуктивноста, како најголем проблем на македонската економија, паѓа и покрај зголемувањето на минималната плата, констатираа од Народната банка, а упатените лоцираа и голем број други негативни директни и индиректни ефекти

Зголемувањето на минималната плата без реално зголемен економски обем и недоволна продуктивност на компаниите, а особено во услови на криза предизвикана од ковид-19, може да има негативни ефекти, е често предупредување упатено од експертите и од финансиски институции. Но, сепак, минималната плата, како инструмент на политиките на последните неколку влади, од нејзиното воспоставување во 2012 година, на нивото од 8.050 денари, досега беше зголемена неколкупати, со најзначајното зголемување во септември 2017, на 12.000 денари, и израмнување во секторите текстил, кожа и обувки. Од први јули, минималната плата изнесува 14.934 денари.
Меѓународниот монетарен фонд неодамна предупреди на ризици и непосакувани ефекти за раст на минималната плата, за подобар животен стандард кај работниците со пониски примања.
– Во услови кога порастот на минималната плата значително го надминува порастот на продуктивноста, дополнителни зголемувања може да ѝ наштетат на конкурентноста – пишува во извештајот.
Тие укажуваат дека зголемувањето на минималецот може да ја намали сиромаштијата кај работниците со ниски примања, но нема да влијае врз намалување на вкупната сиромаштија во земјата.

И од Народната банка на почетокот од годината истакнаа дека повисоката минимална плата не ја зголемува продуктивноста кај вработените. Напротив, таа опаѓа, додека трошоците за единица труд растат.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, со намален економски обем и во посебни услови на криза, зголемувањето на минималната плата е дополнителен товар за претпријатијата, односно за компаниите е непланиран дополнителен трошок во работењето, кој директно влијае врз стабилноста.
– Негативните ефекти може да се бележат директно и индиректно, односно некои фирми може да се соочат со недостиг од средства за плати, исполнување на тековните обврски, даночните обврски итн. Постои можност и одреден број вработени да бидат формално отпуштени од работа, а неформално да останат на работа. Сето ова произлегува од ненадејни обврски и предизвици, кои мора да се менаџираат на разни начини според различни капацитети и можности на фирмите – појаснува Бошков.
Тој вели дека треба да се поткрене продуктивноста на компаниите, за да немаме само краткорочен ефект од зголемувањето на минималната плата.
– Продуктивноста е најголемиот проблем на македонската економија. Затоа е потребно вложување во знаење, процедури, опрема и техники за зголемување на продуктивноста. Со потег на ад хок зголемување на минималната плата директно се влијае на овој процес – нагласува Бошков.

Тој додава дека овие месеци се забележуваат бизниси што се развиени поради кризата, но и поради подобро осмислување на начинот на работа, и секако голем број бизниси од различни но поврзани дејности што бележат драматичен пад.
– Оттука произлегува фактот дека минималната плата треба да се договора помеѓу синдикатите и работодавците на секторско ниво. Тоа е процес на усогласување на потребите на работниците и работодавците, без потреба од манипулација на платите поради избегнување на плаќањето социјални придонеси – смета Бошков.
Професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека секое покачување на платите што не е проследено со зголемена продуктивност, ефикасност и ефективност, најмалку до нивото на маргиналните трошоци е неодржливо. Додавајќи дека со тоа економијата ја прави помалку конкурентна и на крајот ќе генерира дополнителни нарушувања, како на микрониво така и на макро.
– Не само што нема реален економски раст што може да ги покрива маргиналните трошоци од зголемените плати туку и акумулативната моќ на нашата економија и претпријатијата е многу ниска, па со тоа ќе се нарушува уште повеќе – објаснува Беџети.
Тој додава дека освен оваа последица, секако со намалена профитабилност на компанијата, секторот, економијата во целина, се намалуваат и изворите за идни инвестициски циклуси и отворање нови вработувања.

– Сметам дека со зголемувањето на платите без следење со зголемена продуктивност, политички и социјално, можеби се создава некој краткорочен и среднорочен ефект, ама економски ќе има само негативни ефекти – истакнува Беџети.
Тој појаснува дека минималните плати секаде, па и кај нас, административно се регулираат од страна на Владата, меѓутоа и со нивното ниво не треба да се претерува, додека преостанатите плати во никој случај не значи дека „административно“ треба да го следат истиот тренд.
Највисокото одржливо ниво на минималната плата во 2024 година е проценето на околу 18.000 денари, според неодамнешните пресметки на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“.

Оттаму коментираат дека има две сценарија, минимална плата од 17.978 денари со проектиран раст на просечната плата при брзо заздравување од ковид-19 или, пак, износ од 17.149 денари при потраен ефект од пандемијата. Но ако се проектира растот на продуктивноста, според пресметките на „Фајненс тинк“ оптималното ниво на минималната нето-плата во 2024 година е проценето на 16.228 денари, пораст од 11,9 отсто.
– Сепак, носителите на политиките може да креираат политика на минималната плата според движењата кај просечната плата, што претставува ендоген процес, во кој е неопходна внимателност врз движењето на цените – посочуваат од „Фајненс тинк“.