Милијардите во Македонија меѓу сонот и јавето

962
Карикатура: „Нова Македонија“

Искуствата од минатото говорат дека политичарите во своите изјави лесно се расфрлаат со огромни суми пари што наводно треба да влезат во државата. Така, прво беше милијардата на Циле, па потоа следуваа ветените осум милијарди евра на бившиот премиер Груевски. Досега граѓаните и стопанството, за жал, ниту ги видоа ниту ги почувствуваа овие силни милијарди евра, од аспект на подобрување на животниот стандард и рапиден двоцифрен пораст на БДП и економијата. Ќе биде ли овој пат поинаку со ветувањето на премиерот? Ја темели ли својата изјава на реални проекции и опипливи импути, меѓународни институции, фондови…?

Најавата на премиерот Зоран Заев за инвестициски бум вреден пет милијарди евра експресно доби соодветни признанија и пофалби во јавноста, од една страна, но и голем број сомнежи и полемики, од друга страна. Дел од јавноста ја спореди неговата изјава со изјавите на други политичари во минатото што ветуваа големи инвестиции. И тогаш се споменуваа милијарди странски банкноти, кои граѓаните и стопанството, за жал, ниту ги видоа ниту ги почувствуваа од аспект на подобрување на животниот стандард и рапиден двоцифрен пораст на БДП и економијата. Имено, како што се сеќаваат македонските граѓани, уште пред дваесетина години беше ветена инвестиција вредна една милијарда долари од Васил Тупурковски-Циле, кои требаше да дојдат од Тајван, откако ќе го признаевме како држава. Милијардата остана само празно ветување, а сѐ друго е дел од политичката историја.

Но граѓаните се сеќаваат и на изјавата на поранешниот премиер Никола Груевски, пред локалните избори во 2009 година, кога најави реализација на осум милијарди евра во инфраструктурата и енергетиката.

Подоцна граѓаните сепак не добија комплетен отчет дали и каде завршиле ветените милијарди, што од тоа се реализирало, а што не, и клучното прашање дали и од каде се обезбедија толкави пари, кои државата секако ги нема под перница. Колку за споредба, годишниот буџет на државата во тој период, односно во 2009 година, изнесуваше некаде околу две и пол милијарди евра.

Најновото ветување доаѓа од актуелниот премиер Зоран Заев, кој најави нов инвестициски циклус од пет милијарди евра. Може ли и ова последно ветување да го снајде судбината на претходно споменатите ветувања, дадени од поранешни високи функционери и политичари или, пак, ќе стане реалност? Ја темели ли премиерот својата изјава на реални проекции и опипливи надворешни импути, институции, фондови?
Бизнисмените во поглед на ветувањето на премиерот Заев се умерени и попретпазливи, укажуваат дека голем инвестициски бум ќе биде многу значаен за македонската економија, но притоа истакнуваат дека треба да се откријат плановите во кои сектори би се инвестирало, за да се подготви и бизнис-заедницата.

– Ако најавите навистина се реализираат, тоа ќе биде многу добро за нашата економија. Сепак, имам сомнеж дека имаме сили за толку голема инвестиција. Ако тоа се реализира, ќе биде добро, бидејќи подолго време немаме поголема инвестиција. Секако, исто така е важно да се знае од кој извор ќе дојдат парите, по која основа, кои се условите за да ги добиеме тие пари… Бизнисот не би имал ништо против инвестиција, напротив, ќе биде добредојдена за сите нас – истакнува Антони Пешев, претседавач на собранието на Стопанската комора на Македонија.

Сепак Пешев истакна дека кога се зборува за вака големи инвестиции, неопходно е да се соопштат и детали од планот за инвестирање, покрај изворот на средствата.
– Многу е важно да се знае во што ќе се инвестираат средствата, во кои сектори, во кои ресурси, дали имаме кадри да одговориме на потребите, дали може работниците да ги реализираат тие инвестиции. Треба да се знае во кои сектори ќе се инвестира, за да видиме дали тие имаат можност да ги испорачаат очекувањата, дали имаме капацитети да одговориме на новите барања, да се подготви на некој начин бизнис-заедницата. Но треба да се знае и дали парите идат со услови, дали се од ЕУ, од фондови, од меѓународни или домашни институции – додава Пешев.

Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, пак, посочи дека пред секоја голема најава, особено кога станува збор за големи суми што се најавуваат како инвестиција, неопходно е политичарите да имаат точен увид во состојбите и план за тоа како ќе се одвива реализацијата.

– Не секогаш состојбите или реализацијата на плановите зависат само од политичарите и од нивните планови туку и од работниците на терен што ќе треба да ги реализираат тие планови, од можностите на администрацијата да создаде услови за инвестиција, од општинската администрација, но и од други фактори. Исто така треба пред да се излезе со соопштение за голема инвестиција да се знае како ќе се одвива инвестицијата – објаснува Бошков.

Тој исто така посочи дека се надева оти надлежните имаат план како ќе се реализира оваа сума, но притоа додаде дека треба да бидат реални во очекувањата.
– Треба да се запознаени и со можностите на фирмите и на администрацијата, односно со можностите на сите што треба да учествуваат во реализацијата на овие инвестиции – истакнува Бошков.

Економските професори, кои сакаа да останат анонимни, пак, истакнуваат дека ваква голема инвестиција е многу значајна за Македонија, бидејќи со нејзина реализација би се ангажирала голема работна сила. Сепак, велат тие, без детали за плановите каде и како би се реализирале најавените пет милијарди евра, не може да се предвиди каков ефект би имало врз економијата и дали и кога граѓаните ќе почувствуваат бенефиција во секојдневниот живот.

Како што коментираат граѓаните на интернет, преку социјалните мрежи, лесно е да се дадат ветувања, но без конкретни планови и рокови и без извор на средствата што треба да се инвестираат, истите тие дејствуваат многу несериозно.
„Прво беше милијардата на Циле, па осум милијарди инвестициски циклус на Грујо, сега пет милијарди на министерот за финансии и премиер Заев. Колку се оправдани и реалистични ваквите ветувања, особено без детални планови и рокови? Или бидејќи е само најава, ок е вака да се лупаат суми“, прашува Ивор Мицковски на својот твитер-профил.

Константин на Твитер напишал: „Заев најави 5 милијарди евра инвестиции, 7.000 евра просечна плата, пензија од 45 години, Македонија на светско и европско во фудбал, рамни шахти, бесплатно сместување во Охрид, еднорог за исполнување желби на граѓаните и владин змеј што ќе го стопи железото за клупи од оградата“.
Реакциите на социјалните мрежи се долги и сите се прашуваат кога и како граѓаните ќе ги почувствуваат инвестициите што ги најавуваат политичарите, било да се во улога на опозиција или пак од „премиерска“ позиција.


Најмногу пари за инфраструктура и енергетика

По големиот број реакции, вчера со соопштение излезе и СДСМ, од каде што посочија дека Владата предводена од СДСМ наскоро започнува инвестициски циклус од пет милијарди евра. Проектирани се милијарда евра за патишта, над една милијарда евра за железница и над една милијарда евра за енергетика. Ќе се инвестира во клучни капитални инвестиции, како ХЦ „Чебрен“, далноводот кон Албанија и гасоводот, нов клинички центар, а следуваат и инвестиции во земјоделството и руралниот развој, пречистителни станици за отпадна вода, регионални, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки и други проекти за граѓаните. Како одговорна партија продолжуваме со реализација на мерките и политиките што носат пораст и развој, зголемена конкурентност, нови работни места, повисоки плати и повеќе пари за граѓаните, велат од СДСМ.


Економски показатели што влеваат оптимизам кај власта

Премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши неодамна на прес-конференција посочија дека во Македонија е констатиран огромен економски напредок на крајот на 2018 година, за што показател им се заклучоците на најновиот извештај на Светската трговска организација (СТО). Заев посочи дека фактите покажуваат пораст речиси во сите позначајни економски области.

– Светската трговска организација вели дека бруто-домашниот производ (БДП) во периодот на ревизија по жител пораснал за повеќе од 40 проценти, а невработеноста се намалила од 31 процент на 18,7 проценти во 2018 година споредбено со 2013 година. Светската трговска организација констатира дека дефицитот во тековната сметка се намали од 240 милиони евра (3,2 проценти од БДП) во 2012 година на 31,9 милион евра (0,3 проценти од БДП) во 2018 година. Ова се должи на намалувањето на дефицитот во трговскиот биланс и на зголемувањето на вишокот на балансот на услугите – информира Заев.

Тој исто така додаде дека во ревизијата на Светската трговска организација е запишано дека нето-приливите на странските директни инвестиции се зголемиле од околу 131 милион евра во 2012 година на 621,9 милион евра во 2018 година, што, како што истакна премиерот Заев, значи дека директните странски инвестиции во бруто-домашниот производ во 2012 година учествувале со 1,5 процент, а во 2018 година со 5,8 проценти.

Во оваа насока, подвлече премиерот Заев, се и заклучоците на СТО за интелектуалната сопственост, според кои Северна Македонија има напредок од 25 места погоре на глобалниот иновациски индекс за 2019 година, односно сега нашата земја е на 59-то место, во однос на 84-то од минатата година.

[email protected]