Мерки за изедначување на домашните и на странските инвеститори

687

Собранието на Република Македонија вчера го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека овој закон е плод на многу дискусии во државата, на повеќе анализи направени, пред сѐ, од Светска банка, од стопанските комори, од Виенскиот економски институт, додавајќи дека сите тие се земени предвид и се обиделе да направиме сет на мерки што ќе бидат максимално транспарентни и поддржувачки и за домашните и за странските инвеститори.

– Аплицирањето за овие мерки е транспарентно и во согласност со одредени критериуми. Се работи за компании што задоволуваат два основни критериума – да имаат пораст на приходите во тековната година во споредба со претходните три години и тие компании да не го намалуваат бројот на вработени, освен во текстилната и кожарската индустрија, каде што овие критериуми ги олабавивме за да може тие индустрии да бидат опфатени – вели Анѓушев.
Тој појаснува дека единствени корисници на овој закон ќе бидат компании што се производствено ориентирани. Се дефинира дополнително дека таму каде што се доставувачи се мисли на производители и никој не мисли на трговци. Во законот ќе има доволно средства за сите компании што ги задоволуваат критериумите, а тоа е направено врз база на математички модел и врз симулација што е прецизно направена од надворешни личности.