МЕПСО: Недостигот од електрична енергија не се покрива од увоз

117

Недостигот од електрична енергија настанат поради исклучувањето на РЕК „Битола“, причинет од дефект во трафостаницата на МЕПСО, во целост се покрива од домашно производство, соопштија од компанијата.

Од таму појаснуваат дека електричната енергија за потребите на системот ја обезбедува и плаќа МЕПСО преку системски услуги предвидени за вакви ситуации. Од таму велат дека за покривање на недостигот од електрична енергија не е увезен ниту еден мегават-час електрична енергија и дека ова нема да има никакви финансиски импликации врз цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните.

Денеска, поради дефект на елемент од високонапонска опрема во трансформаторската станица „Битола 2“, регистрирана беше безнапонска состојба во 14.17 часот. Од тие причини автоматски дејствувала релејната заштита на трансформаторската станица и го исклучила РЕК „Битола“.

– По брзата реакција, екипите на МЕПСО успеаја во 14.43 часот да создадат услови за повторно вклучување на преносната мрежа на ‘РЕК Битола’, најголемиот производствен капацитет на електрична енергија – велат од компанијата.