Медијацијата слабо се користи во решавање спорови меѓу компаниите

156

Слободно можеме да констатираме дека капацитетите на медијацијата во стопанскиот сектор кај нас не се доволно искористени, па затоа се потребни чекори и активности за нејзина промоција на неколку фронта, објаснува Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора на Македонија

Во собраниска процедура е носењето нов закон за медијација, чија цел е инкорпорирање на ЕУ-легислативата и препораките за медијација кај нас. Законот има цел да се унапреди работата на медијаторите и да се афирмира медијацијата. Во согласност со постојниот закон за медијација, истата таа се применува во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови… Нејзината предност е што страните може во случај на спор да се обидат да го решат по пат на непосредно преговарање или медијација пред започнувањето судска или друга постапка за правна заштита.

– При решавање на спорниот однос во постапката на медијација на страните им се овозможува да го решат на мирен начин, со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, за да се постигне заедничко прифатливо решение, изразено во форма на писмена спогодба. При користењето на медијацијата како атрактивна алатка за решавање на споровите, главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата, која ја издвојуваат како привлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите – истакнува
Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора на Македонија, лиценцирана медијаторка и лиценцирана обучувачка на медијатори.
Сепак, таа истакнува дека оваа алатка, иако подолг период е достапна за компаниите, сѐ уште малку се користи.

– Слободно можеме да констатираме дека капацитетите на медијацијата кај нас, во стопанскиот сектор, не се доволно искористени, па затоа се потребни чекори и активности за нејзина промоција на неколку фронта, што е поставено во агендата на Стопанската комора на Македонија за следниот период – додава Георгиева-Јовевска.
Првиот човек на Комората на медијатори на Република Северна Македонија, Славе Младеновски, пак, истакнува дека на медијаторите им недостига поголема промоција, за граѓаните да се запознаат и заинтересираат за предностите од медијацијата.
– Медијаторите треба да бидат многу поприсутни во јавноста за компаниите и граѓаните да се заинтересираат за медијацијата и тоа да резултира со избор на медијаторот во решавање спор. Во нашава земја и во државите од регионот вообичаено мнозинството граѓани и правни субјекти спорот го решаваат во судска постапка. Јавноста не е запознаена со можноста со медијација да се реши спорот на ефикасен и економичен начин, поради што постојано преземаме конкретни активности и со нив, верувам, постигнуваме позитивни резултати на планот на промоција на медијацијата – вели претседателот на Комората на медијатори, Младеновски.
Георгиева-Јовевска посочува дека медијацијата се спроведува врз писмена согласност на страните, освен во спорните односи, каде што со посебен закон медијацијата е предвидена како услов за водење судска или друга постапка. Предност на оваа постапка, според неа, се рамноправноста меѓу засегнатите странки, неутралноста, доверливоста, како и ефикасноста, бидејќи при медијацијата постапката е брза и економична.

– Од особена важност кај стопанските спорови е тоа што самата постапка е доверлива, јавноста во постапката е исклучена, постојат рамноправност, еднаквост и правичност за страните во постапката и самата постапка е брза, економична и поевтина од другите постапки. Во стопанските спорови за парично побарување чија вредност не надминува 1.000.000 денари, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата, тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот судот ќе ја отфрли – истакнува Георгиева-Јовевска.
Постапките за медијација може да ги спроведува единствено медијатор на кој му е издадена лиценца од Министерството за правда на Република Северна Македонија, од Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Листата на лиценцирани медијатори се наоѓа на веб-страницата на Министерството за правда на Република Северна Македонија, на веб-страницата на Комората на медијатори на Македонија и на веб-страницата на Стопанската комора на Македонија.

– Искуствата покажуваат дека сите стопански субјекти што се јавиле на медијација, по согледување на бенефициите, во своите идни договори со партнерите ја ставаат медијацијата како алтернативен начин за решавање на нивните идни спорови. Задолжителниот обид претставува само алатка плус во менувањето на свеста и поттикнувањето на компаниите од една страна да ги користат поволностите што постојат, а од друга страна да им се помогне на судовите преку растоварување со стопански спорови – објаснува Георгиева-Јовевска.

За сите спорови што произлегуваат од трговски односи е клучна брзината на решавање, заради циркулација на парични средства, или ќе настапи блокирање на средствата. Покрај брзината, дополнителна предност е и начелото на доверливост, поради што се зачувува позитивниот рејтинг на компаниите на пазарот.
– Сo почетокот на медијација, почнува застој на рокот за застареност на побарувањето што е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, која не може да трае подолго од 60 дена од денот на започнувањето на медијацијата. Ако медијацијата заврши без спогодба, рокот за застареноста на побарувањето ќе продолжи да тече од моментот на завршувањето на постапката.

Страните што почнале постапка за медијација немаат право додека трае таа да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос. Страните може да определат дали медијацијата ќе ја спроведува еден или повеќе медијатори и спогодбено да ги избираат од именикот на медијатори. Ако страните не можат да се спогодат за бројот или за лицата што ќе бидат определени за медијатори, може да побараат Комората на медијатори да препорача или да го определи бројот на медијатори или да определи медијатор за дадениот спорен однос.

Секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци ги намируваат на еднакви делови, освен ако страните не се договорат поинаку. Заедничките трошоци ги сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците на медијаторот во врска со постапката на медијација. Висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со тарифник, кој го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори. Постапката на медијација може да биде и бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон.


Поддршка за алтернативно решавање на споровите

Стопанската комора на Македонија во изминатиот период беше активно вклучена во промоција и афирмација на медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на споровите. Тргнувајќи од фактот дека речиси секаде во коморите една од главните цели и активности е и поддршка на алтернативните начини на ефикасно решавање на споровите, како медијацијата, Стопанската комора на Македонија му даде целосна поддршка на тој процес. Во согласност со потребите на компаниите, Стопанската комора на Македонија прва започна со креирање и нудење нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на медијацијата како за членките, така и за нечленките. Поради овие причини уште од 2016 година во комората е формирана Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ), која активностите ги остварува преку соработката со Комората на медијатори на РМ и со Министерството за правда на РСМ, како и со сите заинтересирани институции од РСМ за поддршка на медијацијата.