МАР: Измените на Законот за минерални суровини се штетни за рударството

214

Македонската асоцијација на рударство (МАР) апелира да не се носат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка. Тие бараат да се организира јавна дебата со сите засегнати страни, државата, бизнис-заедницата и невладиниот сектор, за да се покаже дека не се само рудниците загадувачи на животната средина, туку дека врз тоа влијаат и многу други фактори.
Како што рече вчера претседателот на МАР, Николајчо Николов, измените на законот се лоши, исклучително штетни, нелогични, селективни, недоречени и неприменливи во практика.

– Продолжува хајката против рударскиот сектор. Тенденциозно се туркаат измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка иако со нив, не само што нема да се реши ништо, туку и дополнително ќе се искомплицираат работите. Како да е целта да се добијат некакви поени – нагласи Николов на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Тој апелира пратениците добро да размислат пред да ги поддржат измените, а медиумите да помогнат да се дознае вистината.
– Не го поддржуваме рударството, туку сакаме да се дојде до вистината. Ако се докаже дека рудниците се тие што ја загадуваат животната средина, први ќе се повлечеме. Нестручен е пристапот во дефинирањето на измените зашто од нив не се гледа што треба да се постигне. Законот, веројатно, го креирале луѓе од кои дел воопшто не виделе руда – порача претседателот на МАР.

Измените на Законот за минерални суровини ја поминаа расправата во Законодавноправната комисија и се пред пленарна седница.
Иницирана од нивната прес-конференција со свој став излезе и пратеничката од ДОМ, Лиле Поповска, посочувајќи дека измените на законот не се лоши ниту штетни и дека од МАР изнеле многу дезинформации и невистини.

– Ние бараме финансиска гаранција за евентуални еколошки штети, продолжување на дебатата за јавноста да биде подобро информирана. Иако претседателот на МАР, Николајчо Николов, тврди дека законот се носи набрзина, тоа не е точно бидејќи осум месеци траеше расправата, а имаше и сугестии. Од предлозите беше констатирано дека со измените не треба да бидат опфатени сегашните рудници. Иако од МАР велат дека нема загадување, има многубројни студии што покажуваат колку штетно влијаат рудниците. Македонија е премногу мала за отворање рудници – рече Поповска, прашувајќи го Николов дали е заинтересиран за некоја од 80-те концесии за отворање рудници.