Манчевски: Вработени го напуштаат државниот сектор поради повисоките плати кај приватниците

144

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, ја уверува јавноста дека не сака луѓе да останат без работа и да има жртви на процесот на реорганизација на јавната администрација. Тој денес на средба со претставниците на синдикатите разговарал за пет модели на можна реорганизација на вработените во јавната администрација.

– Едниот предлог е трансфер на вработените од јавниот сектор во приватниот сектор со тоа што приватната фирма би понудила повисока плата за вработените, а државата во одреден временски период би ги плаќала придонесите. Потоа пакети за преквалификација на вработените од јавниот во приватниот сектор, согласно потребите коишто ни ги доставиле претставниците на приватниот сектор, стопанските комори и Агенцијата за вработување. Третиот пакет е отпремнина, по своја волја вработени коишто сакаат да го напуштат јавниот сектор. Имаме предлог за преквалификација за внатрешни потреби и внатрешна реорганизација. Се зборуваше и за некој вид јавни приватни партнерства, ова е предлог кој доаѓа од другите партнери на овој дијалог и треба дополнително да се разработи – изјави Манчевски.

И покрај генералното мислење во јавноста дека вработувањето во јавната администрација е најпосакувано, министерот Манчевски тврди дека луѓето секојдневно своеволно ги напуштаат своите работни места, мотивирани од покачувањата на платите во приватниот сектор.

Според Манчевски, овој процес на анализа за реорганизација на јавната администрација е нешто што се случува првпат во последните 30 години и затоа е потребна искрена намера од сите чинители за јавниот сектор да стане поефикасен.

Манчевски изјави дека новиот предлог-закон за организација на органите на државната управа ќе се предложи на јавноста на почетокот на февруари.

Денешната средба е остварена откако Синдикатот на администрацијата и државна управа (САДУ) пред неколку денови побара од министерот Манчевски да не форсира трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор.

Министерот Манчевски минатата година најави реорганизација и укинување на некои институции и намалување на трошоците на администрацијата, по што следуваа бројни реакции од јавноста.