Мало намалување на цените на бензините

126
Фото: Игор Бансколиев

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги намали малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 0,31 отсто. Од денеска малопродажната цена на бензинот еуросупер бс-95 изнесува 48,50 денари за литар, додека еуросупер бс-98 ќе се продава по 50,50 денари за литар. Цените на еуродизелот и екстра-лесното масло за домаќинство поскапуваат за 0,50 денари за литар. За литар еуродизел ќе изнесува 46 денари, додека пак малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 35 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот се зголемува и ќе изнесува 18,891 денари за килограм.

Според појаснувањето на регулаторот, клучни фактори што влијаат на крајната цена во согласност со методологијата за формирање на цените се курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
– Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат намалување, и тоа кај бензинот во просек за околу 14,70 отсто, кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 0,93 проценти, кај екстра-лесното масло има намалување во просек за околу 0,64 отсто и кај мазутот се регистрира намалување во просек за околу 0,94 проценти. Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е зголемен за 1,54 отсто.

Во согласност со методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно приспособување. Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени – е наведено во соопштението на комисијата.