Фото: Дарко Андоновски

По објавените истражувања во кои младите на возраст помеѓу 15 и 19 години се посочуваат како најпогодени од невработеноста, се наметна дилемата како возрасната категорија за која законот пропишува задолжително средно образование воопшто може да се третира како работна сила и дали од споменатите статистики произлегува дека Законот за средно образование често не се почитува?

И покрај задолжителното средно образование, сепак лицата од 15 до 19 години се сметаат како работоспособни и фигурираат како посебна категорија во статистиките за пазарот на трудот, а во последните истражувања дури и се посочуваат како најпогодени од невработеноста. Тоа ја наметна дилемата како возрасната категорија за која законот пропишува задолжително средно образование воопшто може да се третира како работна сила и дали од споменатите статистики произлегува дека Законот за средно образование често не се почитува?

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека вбројувањето на лицата што имаат наполнето 15 години како работоспособни е според европските стандарди.
– Точно е дека кај нас средното образование е задолжително, но и Законот за работни односи дава можности за вработување на лица од 15 до 19 години со тоа што става една забелешка, а таа е лицето да не е опфатено во системот на задолжително образование – објаснува Димитров.

Според него, со измените од 2018 година по препорака на Меѓународната организација на трудот и Европска комисија е дадена и можност за вработување и на лица под 15 години, но само за специјални активности и најчесто за време на распустите.
– Од друга страна, треба да напоменеме дека околу 2,5 отсто од средношколците го напуштаат средното образование. Најчесто тоа се млади жени што стапуваат предвреме во брак, но се разбира дека има и мажи – вели Димитров.
Тој додава дека пазарот на трудот постојано се менува и новонастанатата состојба бара лицата да работат и дополнителни работи, а оваа можност им се дава и на средношколците.

– Проблемот кај нас е што привременото ангажирање на дел од средношколците за некои активности се прави на црно и никаде не се евидентира. Целта е секоја активност да биде пријавена, но овде доаѓа проблемот на високите давачки од плата. Ако сакаме да ги стимулираме младите да работат во слободното време, особено за време на летниот распуст, тогаш е потребно да ги намалиме давачките од плата на овој вид активности за да ги стимулираме работодавците да ги пријават – појаснува Димитров.
Како што нагласува тој, очигледно, во Македонија високите казни не ги дадоа резултатите и дека е потребно да се намалат сивата економија и работењето на црно. А од друга страна, пак, Димитров напоменува дека долго време се зборува за капацитетите и условите во кои работи државниот инспекторат за труд, но скоро ништо не се менува.

– Ако го анализираме движењето на невработеноста на младите лица во последните три години, забележуваме различно движење на стапките на невработеност во согласност со старосната група. Кај старосната група 15-19 години забележително е значајно зголемување на стапката на невработеност, и тоа за 12 процентни поени, додека кај другите две старосни групи има намалување на невработеноста за 3 до 5 процентни поени – велат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Оттаму истакнуваат дека е потребен сет од мерки и услуги, кои директно ќе ги погодат младите лица на возраст од 15 до 19 години.

– Овие активности треба да се во насока на нивна мотивација и лично менторство во процесот на вклучување на пазарот на трудот или нивна доквалификација со вештини и знаење во согласност со барањата на пазарот на трудот, што би довело до зголемување на нивната вработливост и вработеност – сметаат од „Фајненс тинк“.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека голем е бројот на младите лица од 15 до 24 години што не се евидентирани како невработени, не се во работен однос и не се во некој процес на обука или образование.

Фото: Дарко Андоновски

– Потребна е рана интервенција каде што ќе се адаптира образовниот систем со потребите на пазарот на трудот, потоа теренски активности, кои се препуштени на граѓанскиот сектор за да ја најдат критичната група и да ја мотивираат да се вклучи во евиденција во центрите за вработување – објаснуваат од Министерството.
Инаку, процентот на оние млади што не се вработени, а не се во образованието или на некаков вид обука или доквалификација се движи меѓу 24 и 26 отсто. Младинската невработеност во Македонија се зголемила на 47,6 отсто. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2018 година, на возраст од 15 до 24 години, има 37.472 невработени, а вработени се 45.012, додека, пак, се проценува дека на оваа возраст има 176.639 неактивни лица, односно лица што не се ниту во образовниот систем, ниту на пазарот на трудот.

[email protected]