Малмстром: ЕУ ќе возврати ако САД воведат царини за автомобилите

114

Еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром ги предупреди САД дека Брисел ќе ги смета сите дополнителни царини за увоз на автомобили како „непријателски чин“.

Таа ова го изјави во интервју за германскиот весник „Цајт“ додавајќи дека ако претседателот Доналд Трамп „ја реализира оваа долготрајна закана, ЕУ ќе возврати“.

Интервјуто е објавено само неколку часа пред Малмстром да се сретне со американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер во Вашингтон.

Двете страни работат на рамка за иден договор уште откако Трамп и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер се сретнаа во јули за да ги смират тензиите во трговијата.

Трговскиот спор меѓу САД и ЕУ се интензивира во јуни со зголемувањето на американските царини за увоз на челик и алуминиум, што ја поттикна ЕУ да ги зголеми царините за американски производи.

Во соопштението објавено по состанокот во јули се посочи можноста за укинување на царините, бесцарински зони и субвенции за индустриски производи.

Сепак, ЕУ остана загрижена за потенцијалната закана од нови царини за нејзиниот извоз на автомобили, потсетува ДПА. САД ја сметаат опцијата како потенцијална мерка за национална безбедност.

Малмстром оваа претпоставка ја нарече „тотално неверојатна“.

– Зборуваме за автомобили. Ова не е начин на кој ги третирате пријателите – истакна таа.