Малите претпријатија го влечат поголемиот дел од економијата

100

Најголемо учество во вкупниот број на активни деловни субјекти имаат претпријатијата што вработуваат од 1 до 9 вработени, но сепак микро и малите претпријатија не прераснуваат во поголеми компании. Една од причините е немањето доволно капитал за да окрупнат во поголеми компании, за чие работење е потребен и поголем капитал

Најголем дел од регистрираните компании во Македонија се микропретпријатија, кои имаат до десет вработени лица. Истовремено во микро, малите и средните претпријатија се вработени околу три четвртини од сите вработени лица во бизнис-секторот во земјава. Денеска се одбележува Меѓународниот ден на малите и средните претпријатија, кои претставуваат значаен дел од домашната економија, но истовремено тие претставуваат и најранлив сегмент од стопанството бидејќи немаат финансиски резерви, помалку се кредитоспособни и имаат високо учество на трошоци за плати во вкупните трошоци на компанијата.

– Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2019 година, најголем број микро и мали претпријатија се во трговијата на мало и големо, преработувачката индустрија, други услужни дејности и стручни, научни и технички дејности. Доминацијата на микро и мали претпријатија во овие дејности го одразува и фактот дека микро и малите фирми секаде во светот, а и кај нас, претпочитаат дејности во кои особено на почетокот од работењето, а и подоцна е потребен помал капитал, а такви се дел од дејностите во рамките на преработувачката индустрија и сервисниот сектор, или трговија на мало.

Конечно, апсорпциската моќ на домашниот пазар од аспект на побарувачката е релативно мала, што соодветствува со структурата во која доминираат микро и мали фирми – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Во 2019 година, 99,7 отсто од приватните бизниси биле микро, мали и средни претпријатија, од што само 9,2 проценти се мали и средни претпријатија, а преостанатиот дел, 90,7 отсто се микро претпријатија, кои вработуваат до 9 вработени. Во микро, малите и средни претпријатија се вработени околу три четвртини од сите вработени лица во бизнис-секторот. Притоа, во 2017 година, микропретпријатијата вработиле дури една третина од вработените во бизнис-секторот. Микро, малите и средни претпријатија создаваат најголем дел од додадената вредност во 2017 година, и тоа дури 63,8 отсто од додадената вредност на бизнис-секторот.

– Во согласност со податоците од ДЗС, бројот на деловните субјекти во РСМ во последните 7 години е константен, со блага нагорна линија во последните 2 години, 2018 и 2019 година. Така, бројот на деловни субјекти во 2019 година изнесува 75.914 и е за 7,4 процентни поени повеќе од бројот на деловни субјекти во 2013 година, кога нивниот број изнесуваше 70.659. Наедно и учеството во структурата на претпријатија според бројот на вработени (микро, мали, средни и големи претпријатија) е константен во текот на изминатите 7 години. Најголемо учество во вкупниот број на активни деловни субјекти, имаат претпријатијата што вработуваат од 1 до 9 вработени. Нивното учество се движи од 85,2 отсто во 2013 година, до 79,1 проценти во 2018 година. Со текот на годините, микро и малите претпријатија не прераснуваат во поголеми компании, што се гледа и од нивното учество во структурата на вкупниот број на деловни субјекти во изминатите години. Една од причините за тоа е немањето доволно капитал за да окрупнат во поголеми компании, за чие работење е потребен и поголем капитал – истакнуваат од СКМ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година биле регистрирани 6.307 новосоздадени претпријатија, што претставува 9,1 проценти од вкупно активните претпријатија во земјата. Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија, 79 отсто припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.686), други услужни дејности (763) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (650). Новосоздадените претпријатија во секторот индустрија изнесуваат 13,3 отсто, а во секторот градежништво 7,7 проценти.
– Сите деловни субјекти се соочуваат со економски последици и предизвици од здравствената криза со ковид-19. Сепак, микро и малите претпријатија се во полоша позиција и се повеќе погодени од економските последици на здравствената криза ковид-19. Имено, според податоците од ДЗС, најголемиот број на микро и мали претпријатија се во услужните дејности како трговија на големо и мало, други услужни дејности, преработувачка индустрија, односно сектори што беа први на удар и кои се најпогодени од здравствената криза – туризам и угостителство и трговија на мало.

Овие претпријатија немаат финансиски и стоковни резерви како поголемите компании за да можат да издржат неколку месеци со сопствени сили. Наедно, микро и малите претпријатија се помалку кредитоспособни во однос на големите претпријатија. Овие претпријатија се трудоинтензивни, со високо учество на трошоци за плати во вкупните трошоци на компанијата – истакнуваат од комората.
Министерството за економија има изработено стратегија за мали, средни претпријатија до 2023 година, во која овие компании се сметаат за двигатели на инклузивниот економски раст во земјава и во создавање продуктивни и одржливи работни места.
– Стратегијата за МСП дефинира рамка за соработка меѓу чинителите од јавниот и приватниот сектор и граѓанското општество, за поддршка на развојот на МСП и иновативноста, а во насока на зголемување на нивната конкурентност.

Стратегиски цели се поволно деловно окружување во кое се поттикнуваат претприемништвото и инвестициите. Потоа зголемување и подобрување на можноста за раст на МСП, за тие да станат високопродуктивни и конкурентни учесници на европскиот и другите меѓународни пазари. Поттикнување на економската конкурентност на Македонија преку зголемување на претприемачкиот и иновативниот капацитет на МСП – е наведено во стратегијата на Министерството за економија.