Македонците претпочитаат зимување надвор наместо дома

195
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај Боровец и Банско, во последниве години особено актуелно место за зимување во Бугарија е Пампорово, но има интерес и за сместувачките капацитети во соседна Србија, Копаоник и Златибор

Македонските граѓани остануваат верни на своите навики и при изборот на дестинација за зимски одмор приоритет им даваат на соседните зимски дестинации. Туристичките работници посочуваат дека веќе преминува во тренд македонските туристи да одат на два одмора во текот на годината и дека оние што патуваат редовно одат и на летување и на зимување.

– Бугарија е најбарана дестинација за оваа зимска сезона, особено Банско, Боровец и Помпорово. Она што го забележуваме како тренд е дека македонските туристи веќе редовно почнуваат да практикуваат два одмора во годината, еден во летната сезона и уште еден во зима. Веќе станува традиција да се одвојува за двата типа, и граѓаните да прават навремени и предвремени резервации и за двата одмора, па понудите одамна се пополнуваат. Додека, пак, оние тури што ги правиме за празниците, посета на познати европски дестинации или други понуди, најчесто се пополнуваат пред самиот истек на рокот – вели Ана Крстевска Каламадевска од туристичката агенција „Савана“.

Таа додава дека, покрај Боровец и Банско, во последниве години особено актуелно место за зимување во Бугарија е Помпорово, кое влегува во групата на најбарани.

– Секако, голем интерес и резервации имаме и за сместувачките капацитети во соседна Србија, Копаоник и Златибор, при што Копаоник е почесто баран, бидејќи има и снег.

Од друга страна, македонските туристички центри се многу помалку барани, можеби зашто и самите може да организираат сместување или да побараат сместување во некои од домашните хотели и сместувачки капацитети. Барањата за посета на подалечните зимски центри има, резервации се прават, но многу поретко отколку за овие во соседството. Се бара сместување во Австрија и во Франција, нешто помалку и во Италија, но пред сѐ се бара на Алпите – објаснува Крстевска Каламадевска.

Цените се разликуваат од еден до друг зимските центар, а секако зависат и од самиот аранжман, од категоријата на хотелот, понудата и временскиот период на уплата, но во просек се движат од почетни 30 евра од лице за полупансион, па нагоре.
Во поглед на изборот на зимска дестинација, дека интересот е најголем за Бугарија потврдуваат и од туристичката агенција „Кондор“, кои посочуваат дека поголем интерес за зимување имаат за Боровец и за Пампорово отколку за Банско, кое е поактуелно за новогодишните празници.

– Интерес има, но бидејќи овие туристички центри се блиску и граѓаните одат често, многумина од нив сами си наоѓаат сместување – објаснуваат од агенцијата и додаваат дека има интерес и за Копаоник и за Златибор во Србија. Поголем интерес има за Копаоник, за разлика од Златибор, кој е повеќе за вонсезонско планинско одморање.
Дел од понудата на скопските туристичките агенции е и Словенија, а се нудат аранжмани во Мариборско Похорје и Крањска Гора. Тие додаваат дека бидејќи некои од љубителите на зимските спортови сакаат да одат на скијање и на Алпите, се нуди и престижниот француски ски-центар Вал Торанс.

Од агенциите истакнуваат дека во последниве години цените за жичниците за љубителите на скијањето се изедначени и дека поради тоа се бараат и нови места, за разлика од порано, кога цените во Банско биле значително пониски.

Граѓаните што ќе се одлучат да го поминат зимскиот период во некој од туристичките центри ќе треба да одвојат и понекое евро и за плаќање туристичка такса, која не е вклучена во аранжманите што ги нудат туристичките агенции.


Домашните центри попосетени за време на викендите

Поради слабите врнежи од снег, оваа година посетеноста на домашните скијачки центри започна малку подоцна, но таа е поинтензивна за време на викендите, кога многубројни граѓани се упатуваат на викенд или еднодневна прошетка.
– Викендов ја посетивме Попова Шапка и беше вистинско освежување. Девојчето се изнаужива во снегот, а и ние исто така. Навистина беше убаво да се дише свеж воздух – вели скопјанката Марија Стојановска, која посочи дека се одлучиле за Попова Шапка поради близината.
Токму снегот што падна претходниот викенд ги намами и скијачите и нескијачите да се упатат кон Попова Шапка и Маврово, но, како што посочуваат и самите угостители, повеќе туристи и од Македонија и од соседството има за време на викендите отколку во текот на работните денови.