Македонските пчелари на саемот во Каменово

894

Претставници од повеќе пчеларски здруженија од земјава, деновиве беа во посета на Меѓународниот саем за пчеларство и мед во Каменово, Србија, каде што близу три децении се одржува оваа манифестација. На саемот имаше претставници од повеќе балкански земји. Во времето на саемот се одржаа и голем број трибини, а предавачи беа еминентни експерти од високообразовни институции. На овој саем пчеларите добија нови сознанија од оваа област, но можеа да се снабдат и со најсовремена пчеларска опрема по многу поприфатливи цени, отколку што тоа е случај во нашава земја.

– Како членови од повеќе пчеларски здруженија од земјава, неодамна го посетивме традиционалниот саем за мед и пчеларство, што се одржа во селото Каменово, во близината на Петровац на Млава во Република Србија. Познато е дека во ова село нема домаќинство што не се занимава со пчеларство и во најголем дел таа традиција се пренесува од колено на колено повеќе од 150 години и денес секоја куќа поседува барем 50 пчелни сандаци. Пчеларството во ова село е основна дејност и годишно од истото село се испорачуваат над 30 тона првокласен и брендиран мед. При оваа посета остваривме средба со домаќините на саемот, како и со гости од други делови на Балканот, со кои разменивме искуства од областа на пчеларството.

Саемот беше збогатен и со повеќе предавања за современо пчеларење, а предавачи беа експерти од оваа област од високообразовни институции. Имавме можност на саемот да се снабдиме и со најсовремена пчеларска опрема по значително пониски цени, отколку што е тоа случај во нашата земја. Инаку, медот од селото Каменово е брендиран и познат е речиси во сите земји на Стариот Континент – информираа од пчеларското здружение „Нектар“. Инаку, нашите пчелари, кои во изминатите години најголем интерес пројавуваат за посета на саемот во Каменово, раскажуваат дека како доказ дека Каменово е најпчеларското место на Стариот Континент на влезот од селото стои и споменик на пчелата. 

З.А.