Македонскиот челик ќе се стопи во војната помеѓу САД и ЕУ

1156
Фото: Дарко Андоновски

Нашата челична индустрија нема позначајни количества во структурата на американскиот увоз на челик и на ниеден начин не придонесува за гневот на американската администрација, појаснуваат упатените не криејќи ја загриженоста зашто нема алтернативни пазари, кои би претставувале излезно решение во
оваа ситуација

Челикот повторно ја разбранува светската економија. Овој пат поради најновата одлука на САД, за поставување заштитни царини за челик и за алуминиум кон Европската Унија, се отвора можност за создавање нова светска трговска криза во челичната индустрија. Европската комисија воведе мониторинг-систем врз увозот на челик во 2016 година, што покажа дека увозот на одредени челични производи се зголемува со време, тренд што се очекува дополнително да расте со воведување на американските царини врз челикот и врз алуминиумот.
Од ЕК велат дека доколку ЕУ се одлучи за рестриктивни мерки за увоз на челикот, ниту една земја нема да биде изземена од одлуката, што значи дека тоа се однесува и на Македонија како извозник на челик. Кон крајот на март, ЕК отвори истрага за увозот на одредени челични производи од трети земји на нејзиниот пазар, меѓу другото поттикната од најавените царини на САД, што на 1 јуни стапија во сила.
– Оваа процедура е во тек и ниту една одлука за мерки или за изземање не е донесена. Во согласност со правилата на Светската трговска организација, заштитните мерки во принцип ќе се применуваат ерга омнес, односно ќе ги засегнат сите увози, без разлика на нивното потекло – додаваат од ЕК.

Македонија лобира токму за да биде изземена од можни заштитни мерки врз извозот на челик на европскиот пазар. Со оглед на тоа дека челичната индустрија претставува 15 отсто од вкупниот извоз и пет отсто од бруто-домашниот производ, македонските власти и челичната индустрија сметаат дека овие мерки би биле голем удар за македонската економија, додека македонскиот извоз, според нив, не претставува голем товар за Унијата.
Според Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата при Стопанска комора на Македонија, нема земја во светот каде што не се препознава значењето на челикот за нејзината економија и каде што во проекциите на нејзиниот индустриски развој не постои јасно дефинирана концепција на развој на челичниот сектор и на неговите основни развојни претпоставки.

– Со челикот почнуваат процесите на репродукцијата во секоја економија, челикот развива силни репродукциски поврзаности и претставува суровинска основа за редица пропулзивни индустриски сектори во смисла на повисоки фази на негова финализација и диверзификација на индустриската структура на секоја земја кон нови производи и кон производи со повисока додадена вредност. И не случајно, нивото на економската развиеност на секоја земја се мери според производството и потрошувачката на челик – смета Кочовски.
Тој вели дека во теоријата и во практиката на меѓународната трговија, осудуван како чин спротивен на меѓународните договори и принципи на отворена пазарна економија, нагласениот протекционизам станува реалност во насока на заштита на националните челични индустрии.

– Како поинаку да се протолкува едностраното воведување на протекционистичките мерки од страна на администрацијата на САД и воведувањето висока царинска заштита од увозот на челични производи и напуштањето на принципите на слободната трговија. Веројатно тоа за нив се обиди за заштита од увозот на челик, кој во последниве три години бележи евидентен раст од 30,1 милиони на 40,3 милиони тони, но не и одговор за компетитивноста на националната челична индустрија пред странската конкуренција – истакна претседателот на здружението.
Кочовски ги објаснува условите на пазарот на САД кога се во прашање увозот на челик и земјите што го имаат носечкото учество. На американскиот пазар минатата година извезуваа 110 земји од кои 10 водечки учествуваат со над 80 отсто.
– На листата на најголемите извозници на американскиот пазар се Канада со 17 отсто, Бразил со 13 отсто, Јужна Кореја со 12, Мексико со 9, Турција со 7, Јапонија со 7, Русија со 6, Германија со 4, Тајван со 3 отсто и Виетнам со 3 отсто. Во тој увоз валаните учествуваат со 41 отсто, долгите учествуваат со 23 отсто и остатокот отпаѓа на цевки, полуготови производи и специјални челици. Трговскиот дефицит на САД кај челикот се одржува од 2009 година и е поголем отколку кај другите две земји, најголеми увознички, Германија и Јужна Кореја – појаснува Кочовски.

Како што нагласува тој, на овие мерки не изостана брзата реакција на Европската Унија поради бојазливоста од пренасочување на тој челик на нејзините пазари по воведената висока царинска заштита во САД, а во насока на драстично ограничување на увозот од трети земји и извозот на старо железо кон трети земји.
– Многу бргу беа објавени мерки на заштита од „агресивната атака“ на странските производители на челик за заштита на сопствената челична индустрија, нејзиниот пазарен удел и нејзините профити. И на пазарите на Унијата беше евидентен растот на увозот од некои 17,8 милиони тони во 2013 на 29,3 милиони тони минатата година – нагласува Кочовски.
Според него, Унијата декларативно не го забранува увозот на челик на нејзините пазари, но преку прашалници упатени до производителите од трети земји сака да утврди дали тој увоз е на принципиелни пазарни основи и базиран на целосно почитување на принципите на меѓународната пазарна економија, без субвенционирање или други облици на поддршка на тој извоз. Тој додава дека тоа, во секој случај, е една многу непријатна ситуација обременета со големи исчекувања и неизвесности што ќе се случи во периодот додека трае истрагата. Можни се две опции што би се очекувале, да се воведат царини без количествени ограничувања или да се воведат количествени ограничувања без царини, но определени на некое пониско ниво, кое сериозно би ги ограничило можностите за извоз на тие пазари.

Во однос на тоа како би се одразиле овие мерки на челичната индустрија во Македонија, Кочовски напоменува дека нашата челична индустрија нема позначајни количества во структурата на американскиот увоз на челик и на ниеден начин не придонесува за гневот на американската администрација.
– Единствено „Макстил“ извезе минатата година 12.400 тони и ФЗЦ „Куманово“, кој води некои проговори за извоз, многу малку во однос на неговиот вкупен извоз и во вистинска смисла минорно во однос на вкупниот американски увоз во истиот период. Но и тие минимални количества не се за потценување кога е во прашање финансиската положба на компанијата. Значи, македонскиот извоз на челик на американскиот пазар на ниеден начин не влијаеше на загрозувањето на интересите на американската челична индустрија од конкуренцијата од странство – истакна Кочовски.
Што се однесува до Унијата, објаснува тој, таа е носечка комерцијална дестинација на македонските извозни капацитети во челичната индустрија кон кои е насочено над 60 отсто од нивното вкупно производство.
– Станува збор за нешто над 400 илјади тони вкупен извоз, топловалани и ладновалани лимови, бетонско железо и цевки. И што е уште позагрижувачко, нашата челична индустрија нема алтернативни пазари, кои би претставувале излезно решение во оваа ситуација – нагласува претседателот на Здружението на металургија.

Како што вели тој, околу најавите за забрана за извоз на старо железо, ситуацијата станува уште подраматична затоа што по едно апсурдно решение на српските власти за забрана на извоз на старо железо, Бугарија како членка на Унијата останува единствената земја од каде што можат да се задоволат потребите од оваа основна металуршка суровина.
– Протоколот за челик од Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ не ни нуди решение за овој проблем. Протоколот ни дава право на извоз на челик во Унијата без царински давачки и количествени ограничувања доколку челикот е произведен во Македонија. Но во случајов, овие мерки на заштита што ги воведе ЕУ не го проблематизираат прашањето на потеклото на челикот, туку се насочени кон ограничување на увозот на челик од трети земји, независно од неговото потекло – појаснува Кочовски.