Македонскиот пакет за спас на економијата има тенденција на раст

297
Неоспорни се потребите за финансирање - Фото: Архива

Иако истражувачкиот тим на универзитетот „Колумбија“
во Њујорк констатира дека нашиот „плик за помош“ е најтенок

Истражувањето на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажа дека ваквата помош на државата за економијата дала резултати, но оттаму нагласуваат дека таа треба да продолжи за да не дојде до отпуштања доколку продолжи здравствената криза

Македонија се најде на дното на листата на земји од регионот според издвоените средства за спас на економијата погодена од корона-кризата, меѓутоа тоа не значи дека повеќе нема да се очекуваат нови пакети за помош. Најновиот извештај на истражувачкиот тим на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк ја зголеми загриженоста кај бизнис-секторот дека ќе успеe да се спаси во тешкиот економски период што следува. Но, сепак, постојат индикации дека листата за помош на стопанството во нашата земја нема да биде затворена.

Извештај за тоа колку државите во светот вложиле во спас на сопствените економии во обид да го запрат економскиот колапс предизвикан од актуелната пандемија, објавен неодамна од истражувачкиот тим на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, покажува дека најмногу пари во апсолутен износ за спас на економијата издвоиле САД. Но кога пакетите за помош се мерат во однос на големината на националните економии, прва во светот е Јапонија, а трета Словенија.
Споредбената листа од 166 земји покажува дека според овој критериум, Србија е трета во регионот, зад Словенија и Хрватска, додека, за жал, при дното на регионалната листа се Црна Гора и Македонија.

– Неоспорни се потребите за финансирање во услови на ковид-19. Но можностите не се секогаш соодветни на тие потреби. Поголемите земји и оние што имале создадено т.н. фискални браници пред кризата (штеделе во добри времиња), секако дека ќе можат да потрошат повеќе за време на кризата, па дури и ако тоа го сметаме во релативен износ. Тие земји имаат и подлабоки домашни финансиски пазари, па може и полесно и поповолно да позајмат – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Според него, не треба да се прави целосно директна споредба на Македонија со западноевропските земји, туку фокусот да се стави врз тоа колку ефективно ќе биде она трошење што Владата го рекламира како 5,5 отсто од БДП.

– Првичните процени велат дека мерките за фирмите се коректно дизајнирани и таргетирани, додека допрва треба да ги согледаме ефектите од еднократната помош што е актуелна во овој период. Тоа не е невообичаена мерка (најблиску до нас таква мерка спроведе Србија), меѓутоа во Македонија се поклопува со предизборен период – додава Петрески.

Истражувањето на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажа дека дури и ваквата помош на државата за економијата дала резултати, но оттаму нагласуваат дека таа треба да продолжи за да не дојде до отпуштања доколку продолжи здравствената криза.

– Според резултатите од симулацијата и нејзината споредба со реализацијата, мерката за финансиска поддршка на работните места до 14.500 денари по работник за април и мај 2020, дополнета со субвенционирањето на придонесите во висина од 50 отсто кај најзасегнатите сектори во транспортот и угостителството, овозможила зачувување на околу 80 отсто од работните места што биле високопогодени и, според тоа, било извесно дека ќе бидат затворени – се наведува во анализата на „Фајненс тинк“.
Инаку, анализата на пакетот за помош во 166 земји, заклучно со 24 мај оваа година, покажува дека САД издвоиле најмногу пари во апсолутен износ, дури 2.700 милијарди долари, што е околу 13 отсто од нивниот БДП.

Но кога пакетите за помош се мерат во однос на големината на националните економии, листата изгледа многу поинаку. Имено, Јапонија е на првото место, со издвоени 21,1 отсто од БДП, додека САД се дури на 10-то место. Втор е Луксембург со издвоени 20,7 отсто од БДП, Словенија со 19,7 отсто, Белгија со 18,3 отсто, Австрија со 15,6 отсто, Финска со 14,1 отсто, Иран со 14 отсто, како и Шведска и Холандија, кои издвоиле еднаков износ од по 13,5 отсто од БДП.

Од земјите во регионот, Словенија со износ на пакетот за помош на економијата што чини 19,7 отсто од тамошниот БДП е далеку пред другите земји. Втора е Хрватска, со двојно понизок износ, 9,3 отсто, трета е Србија со 6,5 отсто од БДП, а следуваат БиХ со 3,6 отсто, Албанија со 2,8 отсто и Косово со 2,5 отсто. На листата се Црна Гора со 1,7 отсто и Македонија со издвоен пакет за помош на економијата што изнесува 1,2 отсто од домашниот БДП.