Македонската економија многу тешко се справува со кризи

116
Ништо не ни кажува дека патот за излезот од кризата ќе биде лесен и брз / Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОРАЗИТЕЛНИ ИСКУСТВА

Со проширувањето на пандемијата на ковид-19 и со влошувањето на состојбите во економијата, многу од светските влади издвојуваа пари за поддршка на компаниите. Иако ова не е прва економска криза со која се соочува светот, сепак, таа се разликува по многу нешта и, според упатените, тешко е да се дадат предвидувања кога би завршила. Во таа насока поразговаравме со неколку економски експерти, од кои дел и самите биле некогаш креатори на политики, за да дознаеме дали искуството е некаков водич и дали истото тоа може да послужи во побрзо справување со кризата.
– Факт е дека за разлика од дел од европските развиени земји, Македонија е млада економија и во неа има млада демократија, но морам да истакнам и да изразам жалење поради недостигот од дијалог. Бизнис-заедницата и невладиниот сектор реагираат на едностраното политичко, популистичко креирање мерки.

Видовме како одредени компании претставувани преку стопански комори, преку бизнис-заедницата, синдикатите, постојано прават притисок и конференции со кои ја убедуваат техничката влада при креирање заедничките мерки. Тоа значи дека ни недостигаа искуство, показател дека сме млада економија, млада демократија, ни недостига да веруваме во културата на дијалогот, во знаењето на другиот и во професионалноста на другиот. Тоа ни е најголем проблем. Од друга страна, и водењето на јавните финанси, управувањето со јавните пари, со буџетските пари, спроведувањето на замислените капитални, инфраструктурни, образовни, здравствени инвестиции, треба да се прави низ еден планиран концепт, со кој државата се насочува кон она што сака да го постигне и да го направи за своите граѓани – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-кофедерацијата на Македонија.

Тој додава дека во развиените земји политичарите влегуваат во политиката поради идеологија, а не поради бизнис-корупција и моќ, и поради тоа подобро се справуваат и имаат подобри мерки.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини истакнува дека оваа криза не може да се споредува со ниту една досега помината економска криза, бидејќи вакво искуство досега немало никаде и додава дека земјава нема капацитет да се справи со неа.
– Македонија, како и земјите во регионот, нема капацитети и ресурси да се справи со последиците на оваа криза доколку таа продолжи да трае, а трае подолго од очекуваното. Сосема очекувано е дека Македонија мора да позајми странски средства за да им помогне на стопанството и на граѓаните да преживеат. Но Македонија се наоѓа во една друга специфичност, како држава нема административен и политички капацитет да се справи со здравствената криза, а како пример ќе ги посочам случаите што ги нема во ниедна друга земја, а тоа е верските заедници и партиите да ги апсолвираат мерките за спречување на ширењето на пандемијата.

Ниту во соседните земји верските заедници не диктираат правила и притоа политички припадници, функционери на Владата да се солидаризираат со нив – истакнува Хајредини.
Тој додава дека задолжувањето што деновиве го реализира државата со издавање на еврообврзницата е неопходно, но истакнува дека треба да бидеме свесни дека парите ќе се враќаат.
– Задолжувањето е карактеристично за земји како нашата, но не и за големите сили како на пример Франција, Германија, кои издвојуваат огромни суми средства за спас на економијата, или за спас на компаниите и притоа поставуваат услови со кои планираат тие компании да го зголемат своето производство во матичната земја. Додека кај нас, и во земјите слични на нашата, задолжувањето е неопходно, но мора да истакнеме дека е значајно како парите ќе се потрошат, дека тие мора да се вложуваат во поддршка на стопанството, кое потоа ќе врати со раст на БДП – додава Хајредини.

Инаку, во изминатиов период, соочени со кризата наметната од ширењето на коронавирусот, голем број земји најавија поддршка за спас на економиите. Германија најави пакет мерки во вредност од 822 милијарди евра, од кои само 156 милијарди ќе бидат обезбедени со задолжување. Италија, пак, најави дека за спас на економијата ќе ослободи 400 милијарди евра. Огромни средства за поддршка на економијата одвојуваат и Англија, Шпанија, Франција, како и Унгарија…
За поразителните искуства со досегашните кризи пишува во својата колумна и поранешниот министер за финансии и универзитетскиот професор Никола Поповски.
– Ништо не ни кажува дека патот за излезот од кризата ќе биде лесен и брз.

Напротив. Искуството нè учи дека македонската економија на долг рок многу тешко излегува од кризни состојби. Впрочем, таа до ден-денес никогаш сериозно не излезе ниту од претходната криза – големата светска финансиска криза од 2008, која во 2009 се претвори во економска и предизвика формална рецесија. Од 2009 година па до денес обновата на македонската економија не се случи. Искуствата покажуваат дека нашата економија спаѓа во групата на оние релативно нединамични економии, со слабо развиен пазарен механизам и со ниска сензитивност кон пазарните механизми (ЕУ тоа го нарекува нефункционална пазарна економија и постојано ни го соопштува во своите извештаи за нас), но и со релативно лош резултат од државната регулација на економијата, односно скромни капацитети за макроекономско управување. Тоа ја прави економијата нефлексибилна, постојано неподготвена за новите предизвици и за подинамичен раст и развој, вклучувајќи ги дури и пострецесиските години во кои обично економиите брзо растат – констатира Поповски.