Македонија ќе користи јужнокорејски искуства за сајбер-заштита

387

Размена на искуства и практики во областа на сајбер-безбедноста од Јужна Кореја во Македонија има за цел дводневната работилница „Национална рамка и стратегија за сајбер-безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“, која се одржува во Скопје, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, Корејската агенција за Интернет и информатичка безбедност и Светска банка. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на работилницата рече дека Владата сака да ги слушне искуствата од поразвиените земји за предизвиците со кои се соочиле, а истовремено се залага за соработка со сите институции, приватниот и граѓанскиот сектор и универзитетите за зајакнување на сајбер-безбедноста во Македонија.

Посочи дека сѐ повеќе работи се извршуваат електронски и напредува процесот на дигитализација, а безбедносните инциденти може да предизвикаат последици врз сите активности во државата. – Како што ги штитиме нашите преостанати територии, мора да го заштитиме и нашиот информатички простор. Институциите и компаниите мора да ги добијат сите битки, а хакерите само една. Затоа мора да бидеме цело време подготвени и будни за да одговориме на предизвиците – изјави Манчевски. Истакна дека една од задачите е издигање на свесноста на граѓаните и институциите за опасноста од сајбер-напади.

– Довербата на граѓаните во службите и институциите зависи пред сѐ од безбедноста на нивните податоци и сајбер-безбедноста воопшто. Во следниот период ќе влеземе во нова ера на дигитализација и ќе се воведе електронски регистар на население и нов национален портал за електронски услуги. Со нив доаѓа и електронскиот идентитет на граѓаните. Сите ние ќе имаме лични податоци, кои ќе бидат некаде складирани и институциите ќе ги користат. Покрај сите поволности што ќе ги нудиме, ќе мора да ја поставиме и безбедност на овие податоци – изјави Манчевски. Тој нагласи дека Јужна Кореја се смета за една од најдигитално поврзаните земји во светот и е една од најдигитално загрозените земји во светот. – Јужнокорејската влада инвестира масовно во одбрана на сајбер-системот и затоа особено ни е важно нивното искуство – изјави Манчевски.