Македонија ќе изработува Стратегија за енергетика со британски грант вреден околу 780.000 фунти

507

Со британски грант од околу 780.000 фунти Македонија ќе изработува Стратегија за енергетика за наредните 30 години што треба да биде готова до крајот на идната година. Стратегијата ќе ја изработи Прајс Ватерхаус Куперс, а подизведувач ќе биде МАНУ.

Меморандумот за разбирање со кој се доделуваат средствата за грантот денеска во Скопје го потпишаа британскиот министер за Европа и Америка Сер Алан Данкан и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Стратегијата за енергетика произлегува како обврска во Законот за енергетика кој Владата го донесе во мај годинава и ќе предвидува како Македонија енергетски ќе се развива во наредните 30 години. Се надевам дека ќе даде добра рамка за развојот на енергетиката – изјави Анѓушев по потпишувањето на меморандумот.

Тој нагласи дека во стратегијата покрај енергетските ќе бидат земени во предвид и еколошките аспекти, односно како енергетиката ќе влијае на животната средина.

– Стратегијата ќе биде поставена на јавна расправа на која сите заинтересирани ќе можат да ги кажат своите ставови, а во креирањето првпат ќе бидат вклучени и невладините организации. Се надевам дека на крајот од процесот ќе имаме квалитетна стратегија која ќе го детерминира енергетското живеење во земјава во наредните 30 години – потенцира Анѓушев и рече дека очекува стратегијата да биде готова во септември 2019 година.

Сер Алан Данкан посочи дека на секоја земја и е неопходна енергетска сигурност која е прифатлива за животната средина.

– Задоволство ми е што Обединетото Кралство и помага на Македонија во дизајнирањето на вашите енергетски потреби за иднината. Се надевам дека ќе помогнеме во креирањето стратегија која ќе обезбеди безбедна, различна и еколошки модерна енегија за државата – рече Данкан.

Нагласи дека слободниот пазар носи безбедност и сигурност во снабдувањето со енергија и додаде дека конкуренцијата на крај ја дава вистинската вредност.

– Конкуренцијата на светскиот пазар секогаш значи и добра цена, но и повеќе снабдувачи. Затоа не треба да се гледа краткорочната цена по либерализацијата на пазарот, туку треба да се гледа долгорочно што можат да понудат слободниот пазар и конкуренцијата – рече Данкан.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Министерството за економија е отворено да ги сподели сите информации за да се изработи што подобра стратегија во енергетскиот сектор.

– Очекуваме со стратегијата да добиеме вистинска насока како ќе се развива овој многу важен сектор за земјава, имајќи ги во предвид начелата за заштита на животната средина, но истовремено и да се обезбеди посигурна иднина за нашите енергетски капацитети – рече Бектеши.