Фото: Игор Бансколиев

Разликата меѓу нашиот раст на БДП по жител и европскиот е драстична и неспоредлива, па наместо да направиме сѐ да ѝ се приближуваме на Унијата и јазот меѓу просекот на ЕУ и Македонија да се намалува, ние не правиме ништо да конципираме, испланираме и да спроведеме нови економски политики за рапиден раст и намалување на јазот што перманентно станува сѐ подлабок, а разликите поголеми. Бројките покажуваат дека во 2020 година просекот во Европската Унија за БДП по жител бил околу 34 илјади американски долари, додека кај нас речиси шест илјади американски долари по жител, па тенденцијата е разликата уште да се зголемува, а ние никогаш да не ја стигнеме Унијата по таа основа

Што открива нашиот БДП како најважен показател за економското богатство на една земја

Нашата земја, која се стреми кон остварување на стратегиските цели што се од национален интерес, имено членството во ЕУ, не може никако со таков низок БДП да ги оствари тие цели. Напротив, економијата и општеството сѐ повеќе ќе тонат, при што неизбежно ќе се најдеме на работ на сиромаштијата. Според статистиката на „Ворлд попјулејшн ривју“, Македонија е на шестото место на ранг-листата на 10 најсиромашни земји во Европа. По нас се Босна и Херцеговина, Белорусија, Србија и Црна Гора, а на врвот на листата се Украина, Грузија, Косово, Молдавија и Албанија.

Трговијата кај нас сочинува околу 90 отсто од БДП!

– Неколку европски земји се многу богати и се меѓу најбогатите на глобално ниво. Сепак, економскиот просперитет во Европа значително варира помеѓу државите. Земјите од Источна Европа, особено оние што беа значително погодени по падот на Советскиот Сојуз се меѓу најсиромашните и денес – пишува „Ворлд попјулејшн ривју“, каде што објаснува дека бруто-домашниот производ (БДП) е еден од најважните параметри што се користат за мерење на економското богатство на една земја.
Во извештајот за Македонија се вели дека земјата од 1991 година претрпела драматични економски промени, додавајќи дека трговијата сочинува околу 90 отсто од БДП на земјата и дека Македонија сѐ уште има висока стапка на невработеност – 16,6 отсто. А во 2020 година, БДП по жител во Македонија изнесува 5.888 американски долари.
Македонската економија драстично заостанува зад европската, особено зад развиените европски земји, за што конкретен показател е бруто-домашниот производ (БДП) по жител. Разликата меѓу нашиот раст на БДП по жител и европскиот е драстична и неспоредлива, па наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани јазот станува сѐ подлабок, а разликите поголеми. Бројките покажуваат дека во 2020 година просекот во Европската Унија за БДП по жител бил околу 34 илјади американски долари, додека кај нас речиси шест илјади американски долари по жител.
Просекот на БДП по жител во ЕУ е речиси шест пати поголем од македонскиот. Од германскиот БДП по жител, нашиот е осум пати понизок. Додека, пак, од данскиот, нашиот БДП е десет пати понизок. БДП во европските земји во просек расте трипати побрзо од домашниот.
Така што, хипотетички земено, ако економскиот раст во ЕУ стагнира, па дури и да застане (што е речиси и неможно), нам би ни биле потребни минимум 6 отсто раст, за да го достигнеме за педесетина години. Доколку растот во Европа продолжи со минимални стапки од околу еден до два проценти, нам во тој случај би ни била потребна веќе двоцифрена стапка на економски раст, за да го достигнеме нивниот просечен БДП по жител, за повеќе од стотина години.

Како економското оддалечување да се претвори во економско доближување?

И за поранешниот гувернер Петар Гошев е повеќе од јасно дека доколку се земе просекот за Македонија од осамостојувањето, односно за изминативе триесетина години, ќе ни бидат потребни многу децении, па дури и стотици години за да го достигнеме европскиот животен стандард. Со едноставни математички пресметки и економски проекции се доаѓа до гореспоменатите вџашувачко-поразителни резултати. Но клучното прашање е како „економската конвергенција (оддалечување) на Македонија со земјите на ЕУ (и со просекот на самата Унија) да се претвори во економска дивергенција (приближување) на земјава со земјите на Западна Европа“?
– Има многу предуслови што треба да придонесат за поголем раст на БДП и на животниот стандард. Почнувајќи од поставување јасно дефинирани цели, преку доследно спроведување на законите, беспрекорно функционирање на институциите, кои ќе ги поттикнуваат компаниите да работат поинтензивно, подобро… И не само институционалните политики туку едноставно е потребна промена на менталитетот на граѓаните, на сите и на оние што се на раководни функции, за да го забрзаме економскиот раст – укажува Гошев.

Акцент на производството и реалната економија

Универзитетскиот професор Марјан Петрески за „Нова Македонија“ истакна дека на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата за да може да ја помрдне Македонија оваа ниска стапка на раст, која нѐ следи со години.
– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот раст за економијата е производната база во економија, која со влезот на странските фабрики може да се зголемува и структурно да се поместува – вели Петрески.
Професорот споменува дека вториот фактор е човечкиот капитал, каде што ние значајно потфрламе.
– Ќе може да имаме поголем раст на долг рок ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.
Како што нагласува тој, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.
– Ако ги поставиме овие темели на економијата, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме растот над 5 отсто, па и повеќе на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.