Македонија и Словенија имаат голем потенцијал за економска соработка

1432

Бањскиот туризам во Словенија учествува со дури 40 отсто во вкупните приходи од туризам и нагласи дека словенечки компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка во Македонија

Економската соработка меѓу Македонија и Словенија, како и можностите за интензивирање на соработката во туризмот и во земјоделството беа теми на вчерашната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економски развој и технологија на Република Словенија, Здравко Почивалшек.

Анѓушев му пренел на министерот Почивалшек дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се овозможува примената на мерките од планот за економски раст е влезен во собраниска процедура, истакнувајќи дека со овој Закон се очекува раздвижување на економијата во земјата, нови инвестиции и побрз технолошки развој, при што ги покани словенечките компании да инвестираат во Македонија – Мерките од планот за економски раст се исклучително атрактивни и поволни за компаниите. Убеден сум дека словенечките компани ќе ја препознаат можноста за проширување на своите бизниси токму во Македонија.

Мерките се конципирани да бидат исти за сите и преку нивна имплементација се поттикнува технолошкиот развој и внесување иновативни решенија во компаниите, со што ќе се зголемат продуктивноста, квалитетот и конкурентноста на компаниите и ќе овозможиме повисок економски раст на македонската економија – посочи вицепремиерот Анѓушев. На средбата се разговарало и за можностите за соработка во туризмот, при што министерот Почивалшек истакнал дека туризмот во Словенија изнесува околу 2,7 милијарди евра, односно околу 13 отсто од БДП. Тој посочи дека бањскиот туризам во Словенија учествува со дури 40 отсто во вкупните приходи од туризам и нагласи дека словенечки компании се заинтересирани за инвестирање во оваа гранка во Македонија.

– Словенија има добро поставен концепт за развој на бањскиот туризам. Користејќи го вашето искуство, треба да поставиме здрава база за развој на оваа гранка и во Република Македонија, а потоа инвестициите многу полесно и поефективно би се реализирале – објасни Анѓушев.

Во поглед на соработката во земјоделскиот сектор, министерот Почивалшек истакнал дека македонскиот земјоделски производ во Република Словенија се препознава како врвен квалитет и дека Македонија треба да ги искористи природните услови за да ги максимизира ефектите од земјоделството. Во 2017 година Република Словенија беше петнаесетти по вредност трговски партнер на Република Македонија со вкупна вредност од околу 390 милиони евра и пораст во трговската размена од 11 проценти во однос на 2016 година, додека странските директни инвестиции од оваа земја изнесуваат околу 375 милиони евра, со што Словенија е позиционирана на петтото место во однос на странските директни инвестиции во Република Македонија.