Македонија е винска земја со неискористен потенцијал

383
Фото: Игор Бансколиев

Нашата предност како винарница е тоа што успеваме да ги создадеме највозбудливите вина од нашиот регион со најдобар сооднос на квалитетот и цената, претставувајќи ги истовремено традицијата и историјата на нашата земја

Никола Деребанов, генерален директор на холдинг компанијата „Перминдекс“ за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар“

Проблемите што се наметнаа поради ширењето на коронавирусот, потенцијалите на домашната винска индустрија, но и плановите за понатамошен развој на винарницата „Стоби“ беа главните теми за кои разговаравме со Никола Деребанов, директор на холдинг компанијата „Перминдекс“, во чиј опсег влегуваат винарницата Стоби, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар“.

Со какви тешкотии се соочува винарницата „Стоби“ поради пандемијата предизвикана од коронавирусот?
– Генерално, кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 направи огромни штети врз македонската винска индустрија и сериозно ја наруши ликвидноста на македонските винарници. Падот на продажбата на вино на домашниот пазар, пред сѐ на почетокот на пандемијата во периодот март – мај, во нашата винарницата достигна околу 30 проценти, пред сѐ поради ограничувањата во угостителскиот и туристичкиот сектор каде што се остварува доста голем дел од потрошувачката на амбалажирано вино. Во делот на извозните пазари, предноста на нашата винарницата е што сме доста диверзифицирани и покрај извозот во соседните балкански држави извезуваме на големи пазари како што се Кина, САД и Русија и со помош на овие продажби успеавме да го ублажиме падот на локалните пазари. Сепак, притисокот од големите производители на вино од Италија, Шпанија и од Франција, кои мора да се ослободат од големите резерви, влијае на континуирано намалување на цените на виното, што креира дополнителен притисок за намалување на цената и на македонското вино и предизвикува намалување на вкупниот девизен прилив од пласманот на вино на странските пазари.

Дали се чувствува намалување на количествата вино што се извезуваат или тие само беа одложени за одреден период?
– Доколку ги анализираме податоците за извоз на ниво на индустрија, во периодот јануари – октомври 2020 во споредба со истиот период лани се забележува пад на извозот на амбалажирано вино за 16,5 отсто во количество и достигнува пад од 19 проценти во вредност. Оттука може да се забележи дека винарниците трпат ценовен притисок за задржување на позициите на извозните пазари. Во делот на пласман на вината од винарницата „Стоби“ во тековната година, дел од нарачките во најголемиот ек на пандемијата во периодот март – април беа одложени, но извозот продолжи со забавено темпо. Сепак, со почетокот на летните месеци се интензивираа нарачките и задоволни сме што сепак ќе успееме да ја задржиме количински продажбата како ланската година.

Во колкави количества и каде најмногу се извезуваат вината создадени во винарницата „Стоби“?
– Винарницата „Стоби“ годишно остварува продажба од 4,5 милиони шишиња, од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Наши најголеми извозни пазари се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остваруваме и во одредени европски држави како Холандија, Данска, Белгија и, се разбира, земјите од регионот.

Следната година планираме многу новитети, меѓу нив е и новата линија на вино во нашето портфолио, која верувам дека многу ќе им се допадне на љубителите на овој пијалак

Искуството покажало дека во кризни ситуации се менуваат навиките, па за некои компании се зголемуваат можностите. Каков е случајот со „Стоби“, има ли простор за раст на пласманот или за освојување нови пазари?
– Во кризни ситуации самите компании ги согледуваат полесно своите недостатоци што се игнорираат во периодот кога пазарот е во раст, па затоа овој период е добар за спроведување корекции не само во однос на пазарите туку и внатре во компанијата. Од ваквите шокови на економијата, иако првенствено ќе остават негативни последици, сепак е потребно да учиме и да наоѓаме иновативни и маркетиншки решенија за побрза трансформација за постигнување максимум резултати во периодот по завршување на кризата. Нашата предност како винарница е тоа што успеваме да ги создадеме највозбудливите вина од нашиот регион со најдобар сооднос на квалитетот и цената, претставувајќи ги истовремено традицијата и историјата на нашата земја. Сето тоа не ни дозволува да се предадеме, туку напротив овој период го користиме за структурни промени како во делот на организација на пласманот на вината на домашниот пазар, така и во делот на креирање нови линии на производи во нашето портфолио и ребрендирање на постојните, со кои ќе ги освојуваме странските пазари. Еве и една најава за тоа што следува, за следната година веќе планираме многу новитети, меѓу нив, како што спомнав, е и новата линија на вино во нашето портфолио, која верувам дека многу ќе им се допадне на љубителите на овој пијалак. Покрај ова имаме и други планови, кои со нетрпение чекаме да ги реализираме и споделиме со јавноста и со нашите верни потрошувачи што уживаат со виното на „Стоби“.

Какви се потенцијалите на Македонија на полето на производство на вина и можностите за зголемување на извозот?
– Можеме да кажеме дека Македонија апсолутно е винска земја, земајќи ја предвид површината на вински лозови насади од 29.213 хектари и, секако, историјата и традицијата на одгледување винова лоза и производство на вино на овие простори. Иако во делот на производство на вино од 2005 година наваму започна т.н. револуција во винскиот сектор во земјава, пред сѐ со приватизацијата на дел од винарниците, инвестирањето во нова технологија и отворањето нови модерни винарници. Сепак, целосниот потенцијал на земјата сѐ уште не е искористен. Податоците покажуваат дека се движиме во добра насока доколку земеме предвид дека во 2005 година само 10 проценти од вкупното производство на вино се пласирало на странските пазари како амбалажирани, и тоа пред сѐ во регионот, а остатокот како наливно вино без додадена вредност. Денес сме стигнати до количество од 36 отсто вино во шишиња и седум проценти пакувања бег ин бокс што се извезуваат на 38 пазари низ светот. Факт е дека 57 отсто од вкупното количество сѐ уште се извезува како наливно вино, кое во иднина се гледа како потенцијал да биде амбалажирано и да се извезува со додадена вредност, што ќе придонесе кон целокупен раст на секторот, зголемување на вредноста како на виното, така и на грозјето како суровина и земјата ќе оствари повисоки девизни приливи. Секако, за ова се потребни време и целосна посветеност на сите чинители во секторот кон промоција на земјата за градење препознатливост на македонските вина на интернационално ниво. Во овој дел би напоменал дека е клучна и поддршката на државата преку ресорното министерство во мисијата за градење на брендот „Вина од Македонија“.