Фото: Игор Бансколиев

Брзата комуникација, лесниот пристап до инфраструктура и поголемата понуда на работната сила привлекуваат повеќе инвестиции во Скопскиот и во Полошкиот Регион што, според упатените, треба да се искористи како модел за развивање и на другите делови од државата

Значителен раст на одобренијата за градба, за дури 57 проценти, регистрира Државниот завод за статистика за месец јули во споредба со истиот месец претходната година. Деталите од анализата на ДЗС покажуваат дека најголем дел од одобренијата за градба се дадени во Скопскиот и во Полошкиот Регион, а најмал број одобренија се за Североисточниот Регион од земјава. Се забележува дека покрај Скопскиот Регион, во последниот период сѐ попримамлив за градежните компании станува и Полошкиот Регион. Познавачите велат дека ова се должи на повеќе предуслови, а еден од нив е тоа што има развиена патна мрежа и брз пристап до автопатот, но и растот на населението и можноста за наоѓање работна рака во тие региони ги привлекуваат инвеститорите.
Градежниците велат дека Скопскиот и Полошкиот Регион овој период се најпривлечни и најмногу се гради во нив, но додаваат дека расте и интересот за градење во Охридскиот Регион.
– Во Скопскиот Регион повеќе се градат станбени објекти, или објекти за домување. Во Полошкиот Регион се забележува дека се градат објекти за домување, но голем интерес има и за градење сервисни објекти, разни погони, објекти за деловни намени. Во Скопје повеќе се градат станбени згради, иако има и деловни објекти, или објекти за друга намена, но во Тетово и околината градбата е повеќе насочена кон индустриски објекти. Сето ова е резултат на фактот што овој регион расте со население повеќе од другите региони во земјава. Со растот на населението се создаваат услови за инвестиции, бидејќи инвеститорите во тој регион полесно наоѓаат работна рака, која можеби не е секогаш стручна, но ја имаат и можат да ја обучат во согласност со сопствените потреби. Од друга страна, во Скопје недостига стручен кадар во повеќе области, па сега се бараат нови локации за инвестирање. Дополнително, во Тетово, Гостивар и околината повеќе се гради ниска градба, за која не е секогаш потребен стручнообразован кадар, како што е случајот со високоградбата и со изградбата на станбените објекти – објаснува Никола Велковски, градежен експерт и поранешен претседател на градежната комора.

Велковски дополнува дека изминатите години голем интерес за градба и инвестиции имало и во Охрид, каде што повеќе се вложувало во деловни објекти, пред сѐ наменети за туристичкиот сектор.
– Еден период се забележуваше помасовна градба и во Охридскиот Регион, каде што беа изградени доста туристички објекти, а сега, особено од почетокот на пандемијата повторно се актуализира и се насочија силите кон изградба на станбени објекти во Охрид. Поради неможноста да патуваат, многу наши сограѓани во неможноста да излезат надвор од државата почнаа да бараат свои сместувачки капацитети во овој туристички центар, што го поттикна градежништвото во регионот. Сепак, предноста на Полошкиот Регион лежи и во самата местоположба, бидејќи инвеститорите гледаат дека имаат соодветни патишта, пристап до автопатот од каде што брзо можат да се приклучат на други автопатишта, исто така има и соодветна инфраструктура, канализација, струја, вода, па сите инвеститори ги привлекува да вложуваат во локации од каде што ќе можат полесно да ја испорачаат стоката или производите – дополнува Велковски.
Тој додава дека благодарение на изградбата на автопатот кон Штип се создале услови за повеќе инвестиции и во тој регион.
– Големи потенцијали за привлекување инвеститори има и Штипскиот Регион, благодарение на автопатот што се направи и кој овозможува побрз проток на возила, побрз транспорт на стока, и тој може да стане примамлив за инвеститорите. Сепак, еден недостаток на целиот источен регион на Македонија е недостигот од работна рака, иселувањето од овие делови беше помасовно и има помалку слободен работен кадар, што може да биде ограничувачки фактор – заклучува Велковски.

Првиот човек на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, пак, укажува дека интересот за градење во одредени региони е резултат на логистичките поволности со кои истите тие располагаат, со што се подобруваат можностите за инвестирање и за растење на регионите.
– Иако одобренијата за градба се и за станбен и за деловен простор, сепак, податокот дека најголем дел од нив се за Скопскиот и за Полошкиот Регион е показател дека овие локации, кои се поврзани логистички, било да станува збор за соодветна патна инфраструктура, енергетски солидно покриени, но и други неопходни предуслови што овозможуваат лесна комуникација создаваат предуслови за развој на регионот. Современите текови покажуваат дека веќе не може да се вози по рурални патишта и да се очекува напредок на еден регион. Кога еден регион има солидна комуникација, тој привлекува инвеститори, бидејќи честопати истиот тој, освен комуникациски предуслови има и друга предност, а тоа е достапноста до јавните услуги. Брзата комуникација е клучна за привлекување инвеститори и на тој начин може да се создадат услови и за развој на други региони во земјава – вели Бошков.
Претседателот на БКМ посочува дека со отворањето на технолошките зони исто така се овозможува развој на одредени региони, бидејќи токму економските активности носат и социоекономски развој.

– Со отворањето работни места во зоните, се создаваат дел од предусловите за развој на регионот. Со редовни примања, луѓето немаат причина да го напуштат родното место, ако имаат работа ќе останат и да живеат во таа локација, со што се создаваат услови и тие региони во иднина да растат. Дополнително, ако луѓето видат дека им се овозможени сите предуслови за престој во одредена локација, ако имаат соодветни патишта, соодветна помошна инфраструктура, или ги имаат потребните поволности за брза комуникација ќе ги прошират своите деловни активности и во другите региони. Па така и со изградбата на автопатиштата се создаваат услови за побрз транспорт и на луѓе и на стока. Од тој аспект, со големо нетрпение го чекаме финишот на автопатот кон Охрид што треба да биде поттик за социоекономски развој на повеќе региони по должината на овој автопат – дополнува Бошков.