Купувачите на станови сѐ уште стравуваат од измами

745
Фото: Игор Бансколиев

Катастарот не води посебна евиденција колку и кои станови се продадени, но може во соодветниот лист за предбележување за секој објект во градба да се утврди за колку станови имаат забележано дека се склучени преддоговори или договори за купопродажба на идна градба, а кои се слободни

Колку се заштитени граѓаните од измами при купување нов станбен или деловен објект и колку е сигурна нивната инвестиција се прашањата што деновиве се актуелни, откако на неколку места во Скопје се појавија рачно изработени паноа со кои уште една градежна компанија се обвинува дека ги измамила купувачите и оти е можен нов „Фиком“ во земјава. Самото споменување на компанијата поврзана со најголемите станбени измами кај граѓаните создава загриженост поради опасност од нови манипулации.

– Заради надминување на состојбите од минатото, кога еден стан се продаваше по неколкупати, беа преземени мерки за да им се стави крај на таквите малверзации.

Почнувајќи од 2008 година, во катастарот на недвижности се воведе лист за предбележување на идна градба – објаснуваат од Агенцијата за катастарот на недвижности.

Сепак, и покрај оваа измена, нова „афера“ со купување станови се случи во 2013 година, кога скопска фризерка успеа да измами голем број „лековерни купци“. Скопјанката Благица Дончевска беше уапсена за кривично дело измама. Таа за себе тврдела дека е претставничка на владин проект за станови наменети за млади брачни двојки, социјални случаи и лица со посебни потреби. На оштетените им велела дека треба да уплатат дел од сумата, а остатокот ќе биде покриен со донации на амбасадите на Белгија и на Холандија.

Сепак, од Агенцијата за катастар на недвижности се децидни дека со воведувањето на електронскиот катастар и почитувањето на процедурата од сите инволвирани страни нема опасност од нови измами.

– Одобрението за градба со цела документација, вклучувајќи го и основниот проект, општината или Министерството за транспорт и врски, во рок од три дена, електронски го доставува до Агенцијата за катастар на недвижности. Според податоците од основниот проект, секој стан, балкон, тераса, помошна површина, подруми, скали, ходници, гаражи и слично се внесуваат во листот за предбележување. На овој начин секој стан или друга станбена единица со соодветниот број ја добива површината од основниот проект и за тој објект кажуваме дека е предбележан во катастарот на недвижности – додаваат од Агенцијата за катастарот на недвижности.

При купување стан во градба е потребно да се користат податоците од листот за предбележување. Нотарите, кои електронски се поврзани со катастарот, при заверка на преддоговори или договори се должни да ги користат и проверат податоците од листот за предбележување.

– За да биде странката заштитена, односно стан да не се продава повеќепати, или да не се стави под хипотека од страна на инвеститорот, требa веднаш по склучувањето на договорот или преддоговорот, преку нотарот, електронски да се достави пријава до катастарот за да се изврши забележување. На соодветниот стан или деловен простор се става забележување дека е склучен договор за купопродажба, со име и презиме на купувачот – додаваат од Агенцијата.

Катастарот не води посебна евиденција колку и кои станови се продадени, но во соодветниот лист за предбележување, за секој објект во градба може да се утврди за колку станови имаат забележено дека се склучени преддоговори или договори за купопродажба на идна градба, а кои се слободни.

– Доколку сите ги користат податоците од листовите за предбележување за зградите при склучување на правните акти и тие веднаш се доставуваат во катастарот на недвижности за забележување, не би требало да се појават недоследности што беа присутни во минатото – истакнуваат од Агенцијата.

По завршување на градбата и добивањето на употребната дозвола за зградата, инвеститорот преку органот што го издал одобрението за градење со пропишана документација, меѓу која и геодетски елаборат од измерена фактичка состојба на становите, доставува пријава за запишување на зградата во катастарот на недвижности. Доколку зградата е изградена во согласност со проектната документација, се врши запишување во имотен лист, при што се пренесуваат сите претходно забележени преддоговори, хипотеки и слично од листот за предбележување.

Од Министерството за транспорт и врски, каде што најпрво прашавме кој ги проверува компаниите што градат дали продаваат еден стан на двајца купци ни беше усно соопштено дека не е во нивна надлежност и дека треба да се обратиме во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

– Во согласност со Законот за градење, Државниот инспекторат нема ингеренции над градби од втора категорија, во случајов на станбено-деловни градби. Овластените градежни инспектори во општините вршат инспекциски надзор над градби од втора категорија во текот на изградбата и увид на документација, но немаат надлежност да прават проверка колку од становите се купени, резервирани или продадени на двајца купци – стои во одговорот од ДИГУ.

Дека немаат увид во продажбата на становите потврдија и од две скопски општини, од каде што дополнија дека во согласност со нивните надлежности имаат обврска само да следат изградба на објектите.

– Надлежност на овластените градежни инспектори не е проверка на имотната сопственост на становите, туку следење на изградбата на објектите и почитување на Законот за градење – велат од општината Центар.

Сличен став добивме и од скопската општина Аеродром, од каде што информираа дека инспекторите немаат надлежност да проверуваат дали становите се продадени, со појаснување дека процесот за купопродажба на недвижен имот го контролираат катастарот и УЈП.

Од Министерството за внатрешни работи, и покрај нашето инсистирање, ни по две недели не добивме официјален одговор дали има пријави од граѓани за измами. Неофицијално ни беше соопштено дека во дел од секторите таква пријава нема, но дека проверките сѐ уште траат.