Кризата со челикот ќе ја блокира целата економија

194
Фото: Дарко Андоновски

Ако Македонија не биде изземена од мерките за челикот на САД и на ЕУ, се доведуваат во прашање реализирањето на најавените економски реформи во земјата, развојната динамика на националната економија и севкупната економска и политичка стабилност

Протекционистичките мерки за увоз на челик на администрацијата на САД и мерките на заштита на ЕУ можат да имаат драматично влијание врз националната челична индустрија. Ако Македонија не биде изземена од мерките, тогаш оваа индустрија ја чекаат тешки моменти. Ваквите рестриктивни политики ќе се одразат врз бројот на вработени, но и врз вкупната економија, велат бизнисмените од овој сектор.
Според Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија, во ситуација кога оваа индустриска гранка има значајно влијание врз вкупните економски показатели на земјава и најдиректно, а и мултиплицирано преку поврзаните индустрии, овие рестриктивни мерки на Унијата можат да имаат фатални последици за нејзиното натамошно опстојување.

– Со тоа се доведуваат во прашање реализирањето на најавените економски реформи во земјата, развојната динамика на националната економија и севкупната економска и политичка стабилност. Ова мое тврдење го темелам не само на долгогодишното искуство, туку и на истражувањето што го направивме во Здружението на металургијата при СКМ, базирано на економска импакт-анализа за развојниот потенцијал на челичната индустрија и импактот што таа го има врз севкупните економски состојби во земјата – вели Кочовски.
Како што појаснува тој, студијата дала квантификации и визии фундирани на светски признаена научна методологија за улогата и важноста на оваа индустрија, нејзиното влијание на клучните економски индикатори и показатели на нејзините перформанси.
– Во повеќе наврати сум го истакнувал како неоспорен факт развојното значење на националната челична индустрија, детерминантите и насоките на нејзиниот развој и со силни аргументи сум ја докажувал нивната основаност. Во овој контекст е и моето мислење, дали е возможно, спротивно на искуствата на најголемиот број земји во светот, ние да немаме проектирани и јасно дефинирани долгорочни визии за развој на националната челична индустрија и нејзината реструктурализација, кои кореспондираат со трендовите на светската економска сцена – објаснува Кочовски.
Тој додава дека се потребни визии, кои ќе ги уверат инвеститорите во осознаените интереси на земјата за оваа специфична индустриска дејност, кои ќе ги охрабрат новите вложувања во гранката и ќе ги охрабрат придружните индустрии што со оваа индустрија се силно репродукциски поврзани.

– Неопходни се визии, кои ќе ги решат проблемите со патната, сообраќајната и енергетската инфраструктура, визии што ќе направат значајни реформи на образовниот систем и на оваа индустрија ќе ѝ ги задоволат нејзините кадровски потреби и уште многу нешта што во моментов претставуваат силни лимитирачки фактори – смета претседателот на здружението.
Тој напоменува дека Владата треба да обезбеди амбиент за нормално функционирање на секоја индустриска дејност и долгорочно стабилни услови за нејзино пазарно стопанисување.
– Владата не треба да ветува ниту, пак, секој индустриски капацитет решението на своите проблеми да го бара кај Владата. Оттаму е потребна, не во смисла на субвенции, туку поддршка во смисла на добро осмислен концепт на индустриски развој, на реструктурирање на националната економија во насока на производство на нови производи и производи со повисока додадена вредност – потенцира Кочовски.
Според него, секоја стимулација кон повисоки остварувања само во рамките на постојната индустриска структурираност значи само репродуцирање на постојните состојби во време кога светот со силни чекори граби напред.
– Ние подолго време немаме нов производ во земјава. Тоа што го имаме е уште од времето на социјализмот, а и немаме многу дејности што сме ги имале во минатиот систем. Ние немаме други дејности и индустријата останува најзначајниот двигател на националната економија. Реиндустријализацијата фактички претставува и еден од клучните приоритети на ЕУ кон која се насочени нашите определувачки економски и политички аспирации. Затоа документот за долгорочниот развој на македонската индустрија до 2020 година не е правиот одговор за овие проблеми – нагласува Кочовски.

Металургијата, според него, целиов изминат период беше соочена со локални економски недоследности, енергетски, транспортни, кои понекогаш добиваа димензија на апсурдност, како долго присутниот проблем со забраната за увоз на старо железо, кои силно ја обременуваа нејзината трошковна структура и ја прават неотпорна за опстојување во нормални услови на пазарно стопанисување.
– Дека ова тврдење е целосно основано го докажува фактот што според редица релевантни производни параметри сме на ниво на сродните производители во гранката во поширокото окружување, а се разликуваме во значителна мера кога станува збор за остварените финансиски ефекти од работењето – истакна Кочовски.
Како што појаснува тој, суштината на проблемот значи не е да опстоиш на пазарот само во услови на висока пазарна конјунктура, туку да одржуваш производен континуитет и економии на обем на долг рок, токму заради карактерот на дејноста каде што овие претпоставки се основниот услов за економско опстојување. Но, според него, како оваа гранка поинаку ќе се справува со ниските стапки на раст, високите стапки на невработеност и редицата економски реформи што претстојат.
– Во вака изострени услови на стопанисување, кои нѐ следеа речиси целава деценија, некаде од кризната 2008 година, бевме непотребно изложени на ограничувања во дотурот на основната металуршка суровина, на силни трошковни удари и највисоки цени на енергентите и транспортните услуги споредени со конкуренцијата, на голема претпазливост на банкарскиот сектор кога се во прашање неодложните инвестициски вложувања. Непотребно се актуализираат одамна апсолвирани прашања во врска со водоснабдувањето на носечките капацитети како нова неизвесност и закана за нормалниот континуитет на производните активности. Го изгубивме потребниот залет. И сега, кога пазарот покажа понагласена живост, кога се подобри побарувачката и цените на нашите производи се придвижија нагоре, ние мораме да направиме максимални напори да ги елиминираме овие локални недоследности – објаснува Кочовски.

Претставници од власта постојано зборуваат за структурни реформи и за реструктурализација на националната економија. Кочовски вели дека прашањето на преструктурирањето многу често и не се разбира во неговото вистинско значење и се објаснува како потребно пренасочување на економската активност на земјата кон информатички или друг вид високософистицирани дејности и активности од доменот на терцијалниот сектор.
– Совршено е јасно дека е подобро, почисто, подоходовно да работиш компјутерски софтвери отколку производство на челик. Но, исто така, е совршено јасно дека економскиот развој и техничко-технолошкиот напредок пред секоја земја наметнуваат обврски за перманентно иновирање на нивната производна и извозна структура како претпоставка за нивно приспособување на стандардите на меѓународните пазари и за остварување нивен поинтензивен економски развој. И дека во нашава земја производната и стопанската структура развојно заостануваат зад овие процеси, дека е таа во основа формирана во осумдесеттите години на минатото столетие, со големо учество на традиционалните сектори и производи со низок степен на доработка, со висок степен на амортизираност на инсталираната опрема и застареност на производните технологии, со висока увозна зависност и недоволна застапеност на производи стандардизирани според современите пазарни критериуми – појаснува Кочовски.

Како што напоменува тој, производната структурираност на секоја земја е нешто што не може да се промени прекуноќ и што бара барем децениска временска рамка, а кога станува збор за челикот, тој е сѐ уште најкористениот конструкционен материјал на денешницата.
– Земји што денес прераснуваат во водечки економски сили во светски рамки, како на пример Кина и Индија, својата развојна експанзија и високите стапки на економски раст ги базираа токму на челикот, преземајќи го приматот на неговото производство во глобални рамки. И тој развива силни репродукциски поврзаности и шири генерирачки импулси во целата економија на земјата и претставува основа за процесите на реструктурализацијата на економијата – нагласува Кочовски.
Овие процеси на структурно приспособување во догледен период треба да бидат насочени кон осовременување на инсталираните капацитети и процесни линии кај носечките индустриски капацитети, потенцира претседателот на здружението, кон оптимализирање на нивната трошковна структура, подобрување на нивната енергетска ефикасност и обезбедување повисок степен на финализација на нивните производи. И на тој начин кон обезбедување нивна посоодветна позиционираност според меѓународните критериуми на современото пазарно стопанисување.