Кризата најсилно удри врз малите и средните претпријатија

99
Владата не прави разлика помеѓу малите и големите фирми / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во услови на криза, една мултинационална компанија што работи во слободна економска зона, каде што има помали давачки кон државата, и едно дуќанче што и без кризата се борело да опстане не треба да се третираат еднакво само затоа што имале ист пад на приходите, објаснуваат упатените

Домашните компании, кои доминантно се средни и мали, се исклучително ранливи и не се отпорни на кризи каква што е актуелнава, предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Откако економијата се најде под силен удар поради мерките што се преземаат за стабилизација од кризата, се наметнува прашањето дали доколку поименично беа целени и дејностите, тогаш ќе можеше и подобро да се опфатат помалите и поранливите претпријатија, бидејќи бизнис-секторот очекува големи последици врз нив.
Владата не прави разлика помеѓу малите и големите фирми во своите економски мерки, смета економскиот аналитичар Здравко Савевски.
– На изглед, тоа може да се чини правилно, но во реалноста, помалите економски субјекти се оние што најмногу се соочуваат со егзистенцијална криза, и немањето мерки, кои ќе бидат посебно насочени кон нив, може да значи недоволна помош за нив да успеат да ја преживеат кризата – појаснува Савевски.
Тој вели дека една мултинационална компанија, која работи во слободна економска зона, каде што има помали давачки кон државата, и едно дуќанче што и без кризата се борело да опстане не треба да се третираат еднакво само затоа што имале ист пад на приходите.
– Во услови на економска криза не може да се избегне пропаѓањето на одреден број економски субјекти. Убаво би било да не биде така, но суровата логика на капиталистичката економија е неумолива. Во однос на таквата економска реалност фрапира отсуството на економски мерки за креирање нови работни места, особено кога четвртиот пакет реформи се обликува откако податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека невработеноста се зголеми за 37.000 работници од февруари до август. Веќе има голем број нови отпуштени работници, тогаш зошто отсуствуваат мерки наменети за нив во четвртиот пакет на Владата? – додава Савевски.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека навистина малите и средни претпријатија се поранливи во услови на криза и нивната ранливост доаѓа од слабата финансиска моќ, бидејќи се основани со многу мал капитал, додека, пак, во минатото целата добивка е користена за развој на бизнисот и не се одвојуваа средства за зголемување на капиталот и за финансиската сигурност.
– Проблемите кај најголемиот дел од овие претпријатија за време на оваа криза произлегоа од затворањето на бизнисите и падот на потрошувачката. Затоа тие првин се соочија со неликвидност и со проблеми во исплатата на платите на работниците – објаснува Димитров.
Според него, Владата се обиде со четвртиот сет мерки да отклони некои слабости што се покажаа со претходните мерки, така што сега се предвидуваат повеќе скалила и различна помош во зависност од висината на намалените приходи. Помошта започнува со 14.500 денари, а може да достигне до 21.000 денари.
– Но, се разбира, нема идеални критериуми и критериумот „намалени приходи“ не може да биде идеален за сите компании во зависност од дејноста – додава првиот човек на ОРМ.
Како што истакна тој, можеби требаше да се вметнат и други критериуми како на пример „изгубени работни часови“, но, според него, ваквата одлука би ја искомплицирала процедурата за добивање помош.
– Потребно е Владата постојано да ја следи имплементацијата и ако некаде утврди некои пропусти, веднаш треба да реагира со одредени измени – смета Димитров.
Според Марјан Ристевски од Конфедерација на самостојни синдикати, главната мерка се очекува да биде насочена кон отпуштените работници во кризата. Тука е и заложбата, и за таа категорија мора да се најде спас, како на пример, фирмите што ќе вратат работници да добијат некаква субвенција.
– Во моментов се оперира со речиси 40.000 луѓе без работа и тука треба да биде главниот фокус. Овој пакет е клучен, треба да се најде решение што би било со тие што се без работа – вели Ристевски.