Корона-вирусот ја нагризува и металургијата

115
Од „Макстил“ посочуваат дека глобалните движења на пазарите се доста непредвидливи и можно е да има застој или краткотрајни прекини во производството

Поради корона-кризата и одложеното дејство врз компаниите од металуршката дејност, истите тие бележат драстичен пад на нарачките и раст на резервите, што негативно се одразува врз нивните перспективи. Состојбата се влошува дополнително и поради очекувањата за пад на цените на металите, но и за натамошно намалување на нарачките од странските партнери.
– Поради природата на дејноста, која функционира на принцип на подолгорочни нарачки, во првите месеци по избивањето на здравствено-економската криза, генерално, компаниите ги продолжија производствените процеси, но во изминатиов период испораките беа намалени за 30-40 проценти, што доведе до зголемување на резервите. На состојбите во секторот дополнително негативно влијаат и движењата на цените на металите и минералите на светските берзи. Како последица на наглото намалување на активноста во преработувачката индустрија, и покрај мерките за поддршка на побарувачката, во првиот квартал од 2020 година индексот на Светска банка за метали и минерали падна за 4,7 процени, што е трет последователен квартал со пад на цените на овие суровини, а очекувањата се цените на металите во 2020 година да паднат за 13,2 отсто, што, секако, дополнително ќе се одрази на работењето на македонските компании од секторот металургија и до крајот на 2020 година – вели Ацо Попоски, претседател на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ дополнителна бариера

Попоски објасни дека дополнително оптоварување за компаниите се и воведените заштитни мерки за увоз на челик во ЕУ, кои, според важечкото уредување, ќе останат во примена до 30.6.2021 година.
– Со последното ревидирање на воведените заштитни мерки што се применуваат од 1.7.2020 година, со кои се воведени квартални ограничувања на квотите, дополнително се зголемува административниот товар за компаниите за спроведувањето на овие мерки. Останува проблемот што за некои од клучните групи на производи, вклучувајќи ги цевките и челичните профили, националните квоти се недоволни и се исцрпуваат пред определените рокови. Во вакви услови, поради неможноста за поголем раст на производството и на извозот, компаниите се принудени да размислуваат да ги пренасочат инвестициските активности во држави-членки на ЕУ или да ги стопираат планираните инвестициски активности за зголемување на производствените капацитети – дополнува Попоски.
Дека состојбите во металуршкиот сектор се влошени поради пандемијата и мерките за нејзино сузбивање потврдуваат и претставниците на компанијата „Макстил“, од каде што посочуваат дека нивото на нарачки ја следи светската динамика на намалена потрошувачка на челични производи како дел од намалената глобална потрошувачка.
– Заклучно со јуни 2020, отстапувањата од планот се околу 15-20 проценти, меѓутоа за втората половина очекуваме поголем пад поради неизвесноста што се наметна како секојдневие од корона-кризата. Како менаџмент, презедовме огромни напори да ги заштитиме сите вработени и работните места, но, сепак, глобалните движења на пазарите се доста непредвидливи и можно е да имаме застој или краткотрајни прекини во производството – посочуваат од компанијата.

Производителите очекуваат застои во производството

Во однос на очекувањата за заздравување или за враќање кон претходните производствени норми, од „Макстил“ велат дека „заздравувањето на глобалната економија би започнало во последните месеци од годината и тој бран ќе ја зафати и македонската економија“.
– Нашата предност е што како мало стопанство поради флексибилноста ќе ни треба помалку време да почнеме со санирањето на штетите од кризата, кои од денешен аспект сѐ уште се тешки за процена, но во секој случај движењата во еврозоната ќе го покажат и правецот како ќе се однесува нашата економија во иднина. За жал, од денешен аспект, сите економски параметри покажуваат дека падот во 2020 година на БДП во ЕУ ќе биде најмалку 5 отсто, додека во 2021 година се очекува растот да биде околу 7 проценти. Поради фактот дека изминатиот период, пред кризата, работевме континуирано и со обезбедени нарачки за месец и половина, првите месеци од кризата, март, април и мај, немавме поголеми проблеми со производството, а во мај имавме и планиран годишен ремонт, кој го реализиравме. Реално, кризата веќе почнува да се чувствува сега и можно е да имаме одредени застои или прекини на производството, и затоа се направени сите планови кои активности би ги работеле во таква ситуација – истакнуваат од „Макстил“.

Дека проблемите се прошируваат во повеќе економски сектори потврдуваат и од здружението на металната и електроиндустријата, од каде што исто така велат дека се чувствуваат намалување на нарачките и намалување на реализираните работни часови и дека тоа наметнува потреба од промени.
– Периодот на кризата поради ковид-19, металната и електроиндустријата го минуваат со намалено работење, пред сѐ поради намалените нарачки, намалениот број на вработени поради превенција, карантин и слично, но и немање нови проекти. Падот во обемот на работењето е за 20-30 проценти. Падот на производството услови и пад на извозот поради одложување на нарачките од странските партнери како резултат на падот на светската побарувачка. Во услови на пораст на фиксните трошоци поради намалениот обем на производство и раст на трошоците на фирмите поради обезбедување на специфичните здравствени услови, приспособениот начин на организирање на производството и целокупната работа на самите компании, што крајно условува намалување на продуктивноста, речиси не се размислува за остварување профит во компаниите – појаснува Орце Давчев, претседател на Здружението на металната и електроиндустријата при СКМ.

Тој додава дека македонското стопанство е мало и со незначителен обем во однос на европското, а поради лошите изгледи за следниот период смета дека и следната година состојбите ќе бидат исти.
– Втората половина на оваа година, а сигурно и наредната, ќе бидат со исти, можеби и со полоши економски ефекти поради очекуваното продолжено траење на здравствената криза. На подолг рок ќе има промени во потребите и стилот на живеењето кај населението, а тоа ќе предизвика сериозни нарушувања и прераспоредувања на стопанските активности на светско ниво – истакна Давчев.