Коронавирусот ќе удри и врз кинеската економија?

125

Светските медиуми, повикувајќи се на угледни економисти, пишуваат дека доколку епидемијата на коронавирусот не запре во наредните десет дена, кинеската економија ќе се соочи со сериозни последици. Според Блумберг, јануарските макроекономски податоци од Кина, кои се објавени пред првите случаи на заболување со коронавирусот, сигнализирале подобрување на економскиот живот на втората по големина економија во светот. Ова подобрување се потпира на стабилизирање на целиот економски раст во четвртиот квартал.

Сепак, по изолацијата на градот Вухан, од каде што започна епидемијата, но и на други региони и градови, е нарушен протокот на луѓе и на стоки, што, според економските аналитичари, ќе доведе до пад на личната потрошувачка на национално ниво, бидејќи потрошувачите ќе избегнат да одат во продавници.
– Ако изолацијата продолжи и по лунарната нова година, тоа ќе влијае на индустриското производство, еден од главните двигатели на растот – објави Блумберг во својата анализа.
Инаку, Националната кинеска здравствена комисија објави дека очекува во наредните денови бројот на заразени од коронавирусот да се зголемува.


Епидемијата ја урна и цената на нафтата

Цените на нафтата на светските берзи паднаа минатата недела, трета по ред, и тоа за повеќе од шест отсто, што се должи на стравувањата на инвеститорите од економските последици од ширење на коронавирусот во и надвор од Кина. На лондонската берза цената на барелот падна 6,4 отсто, на 60,69 долари, што е нејзин најголем неделен пад од декември 2018 година. На американскиот пазар, пак, барелот поевтини за 7,4 отсто, на 54,19 долари, најмногу од јули минатата година.
Остриот пад на цената на нафтата е последица од ширењето на коронавирусот. Инвеститорите стравуваат од негативите последици за кинеската, но и за глобалната економија, бидејќи станува збор за најголем светски потрошувач на нафта, особено во овој период од годината, кога поради Кинеската нова година милиони луѓе патуваат.