Конференција за развојот на меѓународната соработка за монетарната и финансиската стабилност

71

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, вчера и денеска во Швајцарија учествува на два настана на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), важни за развојот на меѓународната соработка во областите на монетарната и финансиската стабилност и за унапредување на комуникацијата меѓу централните банки за клучните теми што го засегаат централнобанкарското работење на глобално ниво.

Како што соопшти НБРМ, вчера таа учествувала на 17. Годишна конференција на оваа најстара меѓународна финансиска институција во Цирих, на која гувернери и експерти од централните банки, високи претставници на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и универзитетски професори и истражувачи дискутирале на темата „Десет години по големата финансиска криза: што е сменето?“.

– Претпладневните сесии на конференцијата беа посветени на карактеристиките на новиот глобален финансиски систем и на прашањето дали во изминативе десет години, на светско ниво, се промени инфлацискиот процес – начинот на формирање на цените, нивната динамика и фундаменталните врски со нивните главни детерминанти. Попладнето учесниците дискутираа за тоа дали сега, по завршувањето на кризата, глобалниот финансиски систем е поотпорен на шокови од претходно. Одделна сесија ќе им биде посветена и на клучните предизвици во координацијата на меѓународната политика што ја спроведуваат централните банки – соопшти НБРМ.

Оваа конференција е еден од неколкуте настани преку кои БИС секоја година ја остварува својата улога на форум за дискусија и анализи меѓу централните банки и меѓу чинителите на меѓународната финансиска заедница, воопшто.

– Учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на годинашново издание на овој традиционален настан е уште една потврда на определбата НБРМ и натаму да биде активен учесник во ваквите дебати и анализи, кои се клучни за монетарната политика и монетарните движења во глобални рамки – наведува НБРМ.
Гувернерката денеска ќе учествува на 88-то годишно генерално собрание на БИС, кое секоја година се одржува во Базел.