Конкуренцијата наметнува борба за клиенти

212
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новините во банкарските продукти и воведувањето продукти што досега не биле познати на домашниот пазар, како што велат упатените, е знак и за раст на конкурентноста и на потребата да се дојде до повеќе клиенти

Конкуренцијата во банкарскиот сектор, вишокот ликвидни средства, како и очекувањата на банките за раст на кредитите за следниов период ги „мотивираа“ да понудат нови продукти и нови типови производи за граѓаните и за компаниите. По воведувањето на животното осигурување, кое го нудат банките заедно со станбените или хипотекарните кредити, новина на нашиот пазар се и продукти наменети само за корпоративниот сектор. Дека се очекува олеснување на кредитните услови од банките за корпоративниот сектор најави Народна банка на Република Северна Македонија со анкетата направена меѓу 14 банки.
– За наредниот квартал од годинава банките очекуваат нето-олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити. Конкуренцијата од други банки е главен фактор што придонесува за олеснување на кредитните услови – е наведено во анкетата на НБРСМ.

Во текот на изминативе денови, една од трите најголеми банки во Македонија обелодени дека воведува две нови кредитни линии наменети само за правните лица и за реализација на долгорочни инвестициски проекти.
– Понудата е креирана како резултат на следење на трендовите и случувањата на пазарите во земјата и странство и приспособување кон потребите на нашите клиенти за константна поддршка на нивниот раст и развој. Една кредитна линија е наменета за клиенти инвеститори во фотонапонски централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Понудата е директна поддршка на компаниите што сакаат да аплицираат на јавниот повик на Министерството за економија за користење премија – велат во една од поголемите банки.

Новините во банкарските продукти и воведувањето продукти што досега не биле познати на домашниот пазар, според упатените, е знак за раст на конкурентноста во банкарскиот сектор, но и на потребата да се дојде до повеќе клиенти.
– Нудењето осигурителни полиси заедно со банкарските кредити е новина во Македонија, но веќе воспоставена и разработена практика во светот. Слично е и со други производи што ги нудат банките. Целта на овие проекти е пред сѐ банките да понудат повеќе различни банкарски продукти со кои ќе привлечат повеќе клиенти. Со овие продукти ќе се понуди нешто различно и тоа ќе им помогне да дојдат до повеќе корисници – објаснува Љубе Трпески, поранешен гувернер и професор.
За компаниите сега се нудат и долгорочни кредити за проширување и модернизација на постојното производство, како и поддршка на нови развојни проекти на компаниите од сите дејности. Притоа условите што се нудат се доста поволни. Имено, се овозможува користење кредити со долг рок на отплата до десет години и со фиксна каматна стапка за целиот период.

– Креиравме две нови кредитни линии во насока на поддршка на правните лица што планираат да инвестираат во својата дејност на работење, како и инвестиции за производство на енергија од обновливи извори. Нашите нови кредитни линии имаат за цел да ги стимулираат инвестициите воопшто, да ја зголемат инвестициската моќ на правните лица преку давање директна финансиска поддршка за реализација на своите инвестициски проекти – изјавија од банката.
Дека банките очекуваат раст на побарувачката на корпоративни кредити потврдуваат и од НБРСМ, од каде што додаваат дека поизразена ќе биде побарувачката кај големите претпријатија.

– Инвестициите во основни средства се главниот фактор што придонесува за зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, но посилно во однос на претходната анкета. Инвестициите во резерви и обртен капитал и преструктурирањето на долгот исто така предизвикуваат зголемување на побарувачката – појаснуваат надлежните.

Инаку, бизнис-секторот долго време укажуваше дека компаниите тешко можат да дојдат до банкарски кредити, ова особено беше отежнато за малите компании, но и за оние што сакаат да отворат нов бизнис. Бизнисмените укажуваа дека банките работат само со неколку вида кредити и не воведуваат нови банкарски производи што ќе значат повеќе пари за бизнисот.

– Неопходно е да се воведат нови продукти во банкарскиот сектор, да има кредити врз основа на бизнис-идеи и бизнис-планови. Мора да размислуваат доколку имаат вишок средства како да ги вложат во бизнисите, а не да продаваат само хипотекарни кредити. Добро е што веќе имаме некои новини, но потребна е поширока палета на продукти од страна на банкарскиот сектор – смета бизнисменот Горан Рафајловски.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, истакнува дека високата ликвидност на банките им овозможува да ги намалат каматите за компаниите, но нагласува дека проблемот е кај неразвиениот пазар на капитал.
– Добар проект и бонитетна компанија можат да добијат кредити со под четири отсто камата. Проблемот е во тоа што не се развиени пазарот на капитал и алтернативните инструменти за финансирање на стопанството, како што се корпоративни обврзници, туку извор на финансирање се исклучиво традиционалните кредити. Потоа, високата неликвидност кај компаниите и стопанството не овозможува поинтензивно намалување на каматните стапки во кредитирањето и поради релативно високиот ризик кај компаниите. Лошите кредити, и покрај тоа што значително се исчистија од редовните биланси, сѐ уште претставуваат вонбилансен товар кај банките – појаснува Беџети.

[email protected]