Компаниите што лани инвестирале можат да аплицираат за поврат на средства

55

Сите компании што инвестирале и вработиле нови лица во текот на 2017 година, до крајот на јуни може да аплицираат за поврат на средствата, соопшти вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тој напомена и дека е изработен калкулатор за инвестиции со кој секоја компанија пред да аплицира за државна поддршка, но и пред воопшто да инвестира, ќе може да пресмета колку средства приближно ќе добие назад.

– Она што го зборувавме скоро цела година е реалност. Почнува да живее т.н. поддршка на македонската економија. Инвеститорите ќе го препознаат ова, независно дали се од слободните економски зони, гринфилд или во некои од постојните капацитети, тие ќе можат похрабро да вложуваат – кажа вицепремиерот, нагласувајќи дека првпат во историјата има транспарентен начин на поддршка на економијата.
Поднесувањето барања од страна на компаниите ќе може да се врши електронски со пополнување соодветен формулар објавен на неколку интернет-страници: на Владата, на кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, Министерството за економија, ТИРЗ, Конкурентност.мк…

Според Анѓушев, аплицирањето е едноставно, неопходно е само компаниите да приложат завршни сметки и извод од Централниот регистар.
– Го заокружуваме процесот што го најавивме со формирањето на Владата, на максимален транспарентен начин преку јавни дебати со сите релевантни чинители. Пред една недела ги објавивме правилниците во согласност со кои компаниите ќе може да аплицираат за поврат на средствата – напомена министерот за економија Крешник Бектеши.

Апликациите на компаниите ќе се евалуираат до 31 јули, а во август и во септември ќе се потпишуваат договорите и ќе се реализира исплатата. Компаниите што инвестираат во 2018, ќе аплицираат продолжено во текот на годината, и за нив нема рокови, а ќе се исплаќаат со буџетот од 2019 година. Програмата ќе трае пет години.