Компаниите тешко добиваат кредити од банките

119
Фото: Дарко Андоновски

Кредитирањето на домаќинствата се зголемува побрзо во однос на корпоративното. Малите и средните претпријатија немаат лесен пристап до свежи пари, иако тие учествуваат во креирањето на над половина од бруто-домашниот производ и претставуваат 99 отсто од вкупниот број претпријатија што работат во нашето стопанство

Компаниите, особено малите и средните претпријатија, тешко успеваат да добијат кредити од комерцијалните банки. Иако домашните банки финансиски се стабилни, сепак, пристапот до финансии за малите претпријатија е отежнат. Банкарскиот сектор во земјава важи за профитабилен и ликвиден, но кога станува збор за кредитирање на компаниите, банкарите сѐ уште се скептични, особено кон малите фирми, па парите до нив стигнуваат со тешкотии.

– Кредитирањето на домаќинствата се зголемува побрзо во однос на корпоративното кредитирање. Стапката на раст е релативно стабилна и изнесува околу 10 отсто годишно во просек, во изминатите 5-6 години. Посилната склоност на банките за кредитирање на домаќинствата се темели на понискиот ризик, кој произлегува од овие кредити, поедноставните постапки за одобрување односно за оцена на кредитната способност на кредитокорисникот и обезбедувањето, кое полесно се продава – велат од Народна банка на Република Северна Македонија. Од НБРСМ додаваат дека во вакви околности, стимул за поголемо кредитирање на домаќинствата се солидната наплата и следствено добриот квалитет на кредитното портфолио на банките кон домаќинствата.
– Од друга страна, веројатно е повисока и заинтересираноста за задолжување на домаќинствата, во услови на историски ниски каматни стапки, раст на вработеноста и платите, раст на расположливиот доход. Иако поголемиот дел од кредитната поддршка за домаќинствата е фокусирана кон финансирање на потрошувачката, од средината на 2015 година, станбените кредити се најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на домаќинствата – додаваат од Народна банка.

Дека компаниите имаат проблеми при обезбедувањето финансии за своето работење бизнисмените алармираат со години, но сепак, состојбите драстично не се променети.
– Доколку сакаме да набавиме машина, или некој тип опрема, повеќето од банките нема да ја прифатат машината како колатерала, туку ќе бараат стан или друга недвижнина на атрактивна локација во градот како гаранција за машината. Што, според мене, нема логика, бидејќи ако треба да купиме 100 машини, немаме 100 стана за гаранции – вели Трајан Ангеловски, член на управниот одбор на Сојузот на Стопански комори.
Сепак, од Народна банка укажуваат дека во последниве години се забележува подобрување на состојбата со кредитирање на компаниите.

– Во однос на корпоративното кредитирање, гледано преку нашите анкетни истражувања, подолг период се забележува олеснување на кредитните услови и раст на побарувачката. Наедно, позитивен сигнал е тоа што корпоративното кредитирање добива интензитет во последните две години. Така, во 2017 и 2018 година, околу една третина од кредитниот раст беше насочен кон корпоративниот сектор, што претставува подобрување во однос на придонесот во претходниот период. Овие трендови продолжија и во првата половина на 2019 година, при што на крајот на јуни корпоративните кредити бележат годишен раст од 6,4 отсто и објаснуваат околу 40 проценти од годишната промена на вкупните кредити – велат од оваа институција.
Од НБРСМ додаваат дека придонес кон ова, секако, имаат и подобрите показатели за профитабилноста, задолженоста и способноста за редовна отплата на обврските на корпоративниот сектор, но пред сѐ подобрата наплата на побарувања на банките од овој сектор, особено од првиот квартал на 2018 година.

– Ова е видливо и преку позитивните перцепции на банките за овој сектор, дадени како согледување во анкетата за кредитна активност. Останува секако да се следи дали овие трендови ќе продолжат на подолг рок – истакнуваат од Народна банка.
За подобрување на состојбата и полесен пристап до свежи пари за малите и за средните претпријатија, компаниите на располагање ги имаат парите од Европската инвестициска банка. Оваа недела се одобруваат средства од втората транша од поволните кредити во износ од 16 милиони евра, со кои ќе бидат финансирани 53 мали и средни фирми.

– Малите и средните претпријатија се основата на економијата. Тие се креатори на најголемиот број работни места кај нас, учествуваат во креирање на над половина од бруто-домашниот производ и претставуваат 99 отсто од вкупниот број претпријатија што работат во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал и кредити за малите и за средните претпријатија е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити преку Развојната банка и преку други мерки му дава поддршка на овој сектор. Настојуваме да се развијат инвестициската активност, претприемаштвото, да се креираат нови работни места – посочува заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

[email protected]