Компаниите повеќе да ја користат медијацијата за решавање на споровите

33

Во состав на Сојузот на стопански комори (ССК) почнува да работи првиот Центар за медијација, чија цел е преку предавања и обуки да ги запознае пред сѐ бизнисмените со предностите од решавање на споровите на мирен и ефикасен начин наместо во судски постапки кои се поскапи и подолготрајни.

Центарот го отвора Комората на медијатори, која е формирана пред две години. Нејзиниот претседател Славе Младеновски, на конференцијата истакна дека Центарот ќе функционира по меѓународни стандарди и по примерот на вакви места во Европа и светот. Тој рече дека во наредниот период ќе се фокусираат на популаризација и промоција на медијацијата во интерес на граѓаните и правните субјекти.

– Целта е, пред сѐ, бизнис-секторот да може да се обрати во Комората и својот спор да го реши во постапка на медијација и таа да биде објаснета како постапка и кои се нејзините бенефиции – рече Младеновски.
Тој ги повика бизнисмените да покажат интерес за споровите да ги решаваат преку медијација. Постапката во суд, според него, за кој било спор не трае помалку од една година, а најчесто и многу повеќе. Со медијацијата, пак, законски услов е постапката да заврши за 60 дена, а според досегашните искуства, рече Младеновски, предметите што се решаваат со медијација ги завршуваат и до пет дена.

– Затоа што страните што доаѓаат во постапка на медијација однапред имаат предзнаење, а тоа е вештина на медијаторот дека всушност треба да дојдат да се договорат врз база на интересот. Таквиот пристап им овозможува на страните да си го дефинираат интересот и во неколку разговори таа постапка завршува на заемно задоволство. Она што го прави медијаторот, всушност, е што им помага да ја потпишат спогодбата на која се согласиле двете страни и потоа евентуално да ја заверат на нотар – нагласува Младеновски.
Според нивни пресметки, соодносот на заштедените време и трошоци помеѓу медијација и судски спор е еден спрема десет.

Законот за медијација е донесен во 2006 година и до 2016г. во постапка на медијација поминале околу 100 предмети. Нивниот број е значително зголемен во изминатите две години со формирањето на Комората на медијатори, и сега, според нивната евиденција, има околу две илјади предмети. Тие очекуваат дека со формирањето на Центарот сѐ повеќе ќе се користат услугите на медијаторите, а ќе бидат растоварени и судовите.
Потпретседателот на ССК, Александар Милошевски, соопшти дека повеќе од 20.000 деловни субјекти кои членуваат во Сојузот ќе бидат запознаени со придобивките на медијацијата во Центарот што се отвора во рамките на ССК.
Тој посочи дека кај стопанските спорови, медијацијата е законски задолжителна ако паричното побарување не надминува 1.000.000 денари, односно странките во тој случај се должни пред поднесување на тужбата на суд да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.

Серија предавања што ќе бидат организирани во првиот Центар за медијација во ССК ќе ги водат лиценцирани медијатори и универзитетски професори. Програмата со предавања ќе им биде испратена на сите членки на ССК и ќе биде објавена на неговата веб-страница. Комората на медијатори и ССК најавија вакви центри и во други градови во земјава.
Е.Р.