Компаниите наместо по судови, споровите ќе ги решаваат со арбитража

1272
Фото: Дарко Андоновски

Просечното времетраење на постапката изнесува седум и пол месеци и тоа се однесува од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување правосилна одлука. Во практиката арбитражата бележи и случаи на траење на постапката од четири месеци, што за компаниите значи заштеда на време и намалување на трошоци за решавање на споровите што произлегуваат од нивното работење

Иако поефикасен и поевтин, бизнисмените во Македонија сѐ уште малку го користат Постојаниот избран суд – арбитража за решавање на меѓусебните спорови. Оттаму апелираат да ја користат арбитражата, бидејќи така заштедуваат и време и пари. Причина за тоа, како што истакна претседателот на судот, Горан Рафајловски, е недоволната информираност на компаниите и на адвокатите, но и востановената клаузула во договорите дека спорот се решава по судски пат. – Просечното времетраење на постапката изнесува седум и пол месеци, и тоа се однесува од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување правосилна одлука. Во практиката арбитражата бележи и случаи на траење на постапката од 4 месеци. Спротивно на ова, пак, споровите во редовните судови траат три и повеќе години.

Одлуката на арбитражата е извршна и нема период на жалба и можност за повторување на постапката. За компаниите тоа значи значителна заштеда на време и трошоци за решавање на споровите што произлегуваат од нивното работење – вели Рафајловски. Тој тврди дека досега странските компании повеќе ја користат арбитражата, бидејќи одлуките се валидни во 140 земји во светот. Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека арбитражата е еден од најдобрите и најбрзите начини за решавање на стопанските спорови и доколку се користи, странките ќе потрошат многу помалку финансиски средства отколку во судските спорови, кои се и подолготрајни.

– Наместо да ја договараат надлежноста на арбитражите во Париз, Цирих или во Лондон, домашните и странските компании можат да ја договараат надлежноста на Постојаниот избран суд – арбитража при Стопанската комора на Македонија – додаде Рафајловски. Тој вели дека арбитража има 65 арбитри за решавање меѓународни спорови и 30 арбитри за решавање спорови во земјава.

– Во последно време сѐ поголем број домашни компании вметнуваат во договорите клаузула за арбитража. Мислам дека ќе се зголемува бројот на спорови што ќе се решаваат преку арбитража. Годишно се решаваат над 10 спора, но кога ќе видиме дека во последниве неколку години во Македонија се решаваат исклучително мал број стопански спорови во судовите, сметам дека довербата во правосудниот систем е комплетно изгубена и наше е да пробаме да помогнеме таа да се врати во целост – истакна Рафајловски.

Според него, арбитражата е претпочитан метод за решавање на споровите што произлегуваат од деловното работење за 90 отсто од компаниите, и е најчесто применуван метод за решавање на споровите што произлегуваат од областите градежништво и енергетика. – Во САД, 90 отсто од споровите завршуваат на арбитража, а во Германија тој процент е 50 до 60 отсто. Компаниите како најпозитивна карактеристика на арбитражата ја гледаат извршноста на одлуката, по што следуваат флексибилноста, можноста за самостоен избор на арбитрите што ќе постапуваат во спорот и временската ефикасност на постапката – истакна Рафајловски.

Како институција надлежна за арбитражно решавање домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – арбитража при СКМ, функционира од 1993 година. Досега вкупно се решени околу 300 спора. Рафајловски најави дека на 19 и 20 април, во СКМ, во организација на Арбитражата со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) ќе се одржи меѓународната конференција: „Арбитражата денес: Иницијативи и перспективи“ на која ќе присуствуваат и говорат истакнати експерти, теоретичари и практичари од 10 различни европски земји. – Ќе бидат присутни и адвокати од водечките светски адвокатски друштва, арбитри со децениско искуство во арбитража и професори што долги години се занимаваат со овие прашања, два дена ќе дискутираат за најактуелните прашања од областа на арбитражното право – посочи Рафајловски.

Излагањата на говорниците на конференцијата ќе опфатат теми од важност за работењето на компаниите, а кои се поврзани со постојаната тенденција за проширување на кругот на споровите што можат да се решаваат во арбитражна постапка особено оние што произлегуваат од правото на интелектуална сопственост, антимонополското и концесиското право. Понатаму ќе бидат разгледани и практичните прашања поврзани со арбитражните постапки и активностите што се преземаат за остварување нивна поголема ефикасност и Њујоршката конвенција од 1958 година, благодарение на која странските арбитражни одлуки за разлика од судските одлуки уживаат поедноставен режим на признавање и извршување, а ќе се дискутираат и придобивките и идните предизвици поврзани со нејзината примена. – Конечно, акцент ќе биде ставен и на инвестициската арбитража, која се покажа како ефикасен механизам за заштита на инвеститорите од нерамноправен третман од страна на државата и билатералните инвестициски договори, кои се основа за поведување на ваквите спорови – вели Рафајловски.