Компаниите можат да бидат поуспешни со повеќе инженерки

99
Потребно е да се мотивираат повеќе компаниите за да ги отвораат своите врати и менаџерските позиции за жените Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувањата покажуваат дека младите жени се запишуваат и студираат на техничките факултети со подобар успех од мажите. Но по завршување на факултетот, се намалува бројот на интелектуалките што ги продолжуваат своето школување и усовршување

Доколку се ангажираат жени-инженери на високи позиции во компаниите во Македонија, тогаш работата во секоја компанија ќе биде многу поуспешна, истакнаа од Инженерската институција на Македонија на втората меѓународна конференција „Жени во енергетиката 2018“.
Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција на Македонија, вели дека иако многу студентки на техничките факултети имаат одлични резултати во текот на студирањето, сепак нивниот број значително се намалува при вработувањето во енергетските компании и при напредувањето во кариерата.

– Нашите истражувања покажуваат дека младите жени се запишуваат и студираат на техничките факултети со подобар успех од мажите. Но по завршувањето на факултетот, се намалува бројот на интелектуалки што ги продолжуваат своето школување и усовршување. Исто така, постои значителен одлив во однос на мажите и при заземање високи менаџерски позиции во енергетските компании – вели Спасевска.
Според неа, иако состојбата во Македонија е значително подобра од онаа во западните развиени економии, што можеби се должи на системот што го имавме пред триесетина години, сепак преку најразлични иницијативи како што е оваа конференција, треба да го зголемуваме позитивниот тренд.
– Говориме за овие теми за да ги поттикнеме младите интелектуалки да продолжат со градење на својата кариера и по завршување на високото образование, да ги информираме и обучиме за најновите случувања во енергетиката и преку позитивни примери да ги мотивираме компаниите сѐ повеќе да ги отвораат своите врати и менаџерски позиции за жените, затоа што доколку се ангажираат на високи работни места, тогаш работата на компанијата може да биде многу поуспешна – нагласува Спасевска.

Родовата еднаквост е лична заложба за министерката за труд и социјала, Мила Царовска, и програмска цел на Владата на Република Македонија.
– Решени сме да придонесеме за трајни промени и да изградиме општество што ќе нуди еднакви можности за сите. За да се зајакне заедничкиот пристап кон родовите прашања, со одлука на Владата, ја формиравме Интерресорската советодавно-консултативна група за еднакви можности на жените и на мажите. Станува збор за важно тело, кое има обврска да се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирање на политиките и буџетите. Презедовме значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените – истакна Царовска.
Таа додава дека со промена на Законот за минимална плата се изедначуваат платите и се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените и со овие промени се опфатени работниците од текстилната индустрија, од кои 80 отсто се жени.
Притоа, во Владата се свесни дека алокацијата на средства во буџетот ги рефлектира клучните приоритети и политики на една институција.

– Родовата перспектива е силно присутна при креирање на буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Наша цел е да реализираме активности што ќе се однесуваат еднакво кон мажите и кон жените, но и да изградиме механизми што ќе овозможат еднаков личен, општествен и професионален развој – истакна Царовска.
Според Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, чест е ЕВН вторпат да биде домаќин на „Жени во енергетиката 2018“ за да се промовира поголемо учество и вклучување на жените во енергетскиот сектор, како и издигање на свесноста за родов баланс.
– Да се направи настанот вторпат е навистина значајно и важно. Тоа ја покажува волјата на организаторите да променат нешто и да бидат упорни. И ова ги обединува сите вклучени сегменти: креаторите на политиката, образовниот сектор и бизнис-секторот. Ние сите знаеме дека без упорност нема да ги достигнеме нашите цели. Еднократните мерки без програми за следење, најверојатно, ќе ги намалат постигнатите ефекти. Затоа, посакувам учесниците да имаат два интересни дена, полни со плодни идеи за затворање на родовиот јаз во енергетскиот сектор – вели Петер.

На конференцијата учествуваат експерти, претставници од универзитети, од бизнис-заедницата, меѓународни и регионални организации, државни институции и професионални организации од 12 земји-членки на Централноевропската иницијатива, кои работат во енергетскиот сектор.
Конференцијата е проектна активност на Централноевропската иницијатива и е поддржана од компаниите АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО.