Компаниите без вработени упорно опстојуваат на пазарот

208
Фото: Игор Бансколиев

Иако според експертите фирмите со нула вработени се редовна појава, особено во земјите каде што често се создаваат и се затвораат фирми, токму тие неретко ги користат дупките во законите и не регистрираат вработени за да избегнат даноци, така што фактички се во доменот на сивата економија

Во последниве три години бројот на компании со нула вработени во Македонија континуирано се движи околу осум илјади меѓу вкупно над 72 илјади активни фирми во минатата година. Експертите укажуваат дека истите тие се сосема редовна појава, особено во земјите каде што често се создаваат и затвораат фирми, па истакнуваат дека некогаш кога се отвора фирма, таа на почетокот постои само со управител, но немаат вработени. Сепак, некои од експертите укажуваат дека има и такви што ги користат дупките во законите и не регистрираат вработени во компанијата за да избегнат даноци, односно дека истите тие се дел од сивата економија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година во Македонија имало 8.221 фирма со нула вработени, додека, пак, во 2017-та имало 7.888. Во Законот за трговски друштва и другите закони што го регулираат работењето на фирмите во Македонија не постои обврска колку и дали мора да има вработени во компаниите. Ова значи дека законите во Македонија дозволуваат во која било област да се регистрира фирма со нула вработени, единствено треба да има управител. Инаку, основањето фирми без ниту еден вработен е дозволено во сите земји и најчесто се работи за консултантски, услужни и трговски фирми.

– Веќе десетина години сум сопственичка на авторска агенција и немам вработени, бидејќи обемот на работа ми е многу мал. Немам многу работа, а таа што ја имам за мене е малку, па ако вработам уште некој, нема да имам доволно финансии да му исплатам плата – вели една скопјанка што сакаше да остане анонимна.

Елизабета С., исто така од Скопје, пак, посочува дека потрагата по работа ја довела до проектите на Агенцијата за вработување, преку кои отворила своја фирма за увоз на мини-камери, по совет од пријатели. Сепак, таа вели дека фирмата не е успешна, дека не успева да најде пласман за увезените продукти и дека нема простор за нови вработувања, туку, напротив, размислува да ја затвори.
Економските експерти укажуваат на сомнежи во функционирањето на ваквите фирми и велат дека со оваа форма се остава простор за манипулација со законите.
– Оваа состојба е спротивна од слободната пазарна економија. Доколку продолжи да се развива, целата ситуација може да доведе до непочитување на социоекономските закони. Ова не е сигнал на здрава економија, пред сѐ е сигнал на изигрување на постојните закони за водење бизнис во Македонија и на некој начин е дел од сивата економија – истакнува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Според него, нормално е да има компании со нула вработени, односно има разни начини на функционирање на фирмите во слободната пазарна економија, но тој нагласува оти најважно е дали компаниите ги почитуваат или ги изигруваат законите, како и дали на долг рок фирмата има перспектива за пораст или е од краток рок.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најголем дел од компаниите што се регистрирани во земјава бројат од еден до девет вработени, а вакви компании изминатата година имало вкупно 57.184
Меѓу другото, ДЗС наведува дека во 2017 година во Македонија имало точно 6.321 новосоздадена компанија, додека, пак, згаснале 5.796 фирми. Најголем дел новонастанати и згаснати фирми се во скопскиот регион.


Удел на фирми со нула вработени во вкупниот број активни фирми

Година Вкупно Со нула вработени
2016 71.519 8.057
2017 71.419 7.888
2018 72.315 8.221
Извор: ДЗС