Колку се ефикасни мерките за помош на стопанството?

155
Фото: Маја Јаневска-Илиева

 Доколку само се препакуваат веќе постојните мерки, без нивна реализација, не би зборувале за нов, петти пакет мерки, туку за промоција на нешто што е веќе дизајнирано а нереализирано

Петтиот пакет на мерки за помош на домашната економија и на граѓаните во ковид-кризата, според најавите на владините функционери, ќе биде донесен во февруари, но реализацијата на четвртиот пакет мерки, како што проценуваат упатените, и понатаму е неизвесна. Во овој пакет постојат повеќе мерки, но некои од нив воопшто не се покриени со законски решенија, поточно се заглавени во собраниските процедури, така што сѐ уште не можат и практично да се спроведат. Меѓу другите, упатените ги посочуваат примерите со најавите за намалувања или укинувања на одредени парафискални давачки, формирање на стапката на ДДВ за ресторански услуги и за служење храна и пијалаци, со која овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10 отсто наместо сегашната редовна стапка од 18 отсто. За сите нив се неопходни законски измени, кои сѐ уште не се направени, така што нема ниту државна кредитна гаранција за некои од мерките што ги најави Владата.
Инаку, и за првите три пакети владини мерки, за кои беа издвоени 550 милиони евра, според неодамнешната процена од Владата, реализирани се само 33 отсто. Поради ова, економските експерти предупредуваат дека не треба да се брза со нови мерки ако некои од претходните не се реализирани и дека фокусот треба да се насочи кон оние мерки што носат резултати.

Една од нив е директорката на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, Благица Петрески, според која, нејасно е зошто Владата брза со петтиот пакет кога четвртиот не е реализиран. Таа нагласува дека е важно и во периодот јануари-март да се продолжи со мерката за поддршка на плати и дека треба да се остварат нереализираните мерки, особено оние што се поврзани со развојниот потенцијал на економијата.
– Мерката за поддршка на плати „14.500 денари по вработен“ е клучна и сѐ уште е потребна за дел од компаниите, земајќи предвид дека многу фирми сѐ уште се соочуваат со ограничувања и со намалена побарувачка поради воздржаност на потрошувачите – истакна Петрески.
Таа додава дека досегашната стапка на реализација на претходните пакети не е во согласност со иницијалните планови, па оттука фокусот треба да биде на реализација на веќе дизајнираните мерки и на продолжување на мерките што даваат резултати.
– Во спротивно, доколку само се препакуваат веќе постојните мерки, без нивна реализација, не би зборувале за нов петти пакет мерки, туку за промоција на нешто што е веќе дизајнирано а нереализирано – појаснува Петрески.

Според Сојузот на стопански комори, деловните субјекти во земјава, особено малите и средните претпријатија, сѐ уште се наоѓаат во исклучително тешка состојба, некои се уште со рестрикции во вршење на дејноста, но и оние што можат да работат се соочуваат со намалена потрошувачка, откажани нарачки и пласмани.
– Продолжување на финансиската помош за исплата на плата, неповратната финансиска помош, како и бескаматните кредити се приоритетните мерки што реалниот сектор очекува да продолжат и да траат најмалку до април – велат од ССК.