Колкаво е влијанието на референдумот врз економијата

489
Фото: Дарко Андоновски

Со наближувањето на референдумското изјаснување за спогодбата со Грција, неизбежно се поставува прашањето дали и како тоа ќе се одрази врз економскиот развој во земјава. Економијата е тесно поврзана со политиката и претстојниот референдум ќе биде пресуден за идните економски движења во земјава, но дотогаш неизвесноста сѐ уште е присутна и тоа се одразува врз секој сегмент, а најмногу дојде до израз врз инвестициската активност на домашните компании, што, пак, влијаеше и врз вкупните економски показатели.
Податоците за движење на економијата во Македонија ни даваат различни сигнали, од кои не може едноставно и лесно да се добие сликата за тоа што всушност се случува и во кој правец се движи.

Намалената доверба во институциите и зголемената воздржаност од инвестициски зафати се одразија и кај кредитната активност. На крајот од првото полугодие, вкупната кредитна задолженост на компаниите изнесувала 2,5 милијарди евра. По потегот на банкарите да ја зголемат каматата на кредитите за фирмите за 0,05 отсто, со што таа достигна 4,64 отсто, сега се најавува можно олеснување на кредитните услови, но со очекување дека побарувачката за кредити од страна на фирмите ќе забави. Според најновата анкета за кредитна активност што ја објави Народната банка, сепак најголем дел банкари, односно 85 отсто изјавиле дека условите за кредитирање на компаниите главно остануваат непроменети. Економистите сметаат дека поради ова граѓаните и фирмите ќе ги одложат своите инвестициски одлуки и парите ќе ги чуваат сѐ додека не се види исходот од референдумот, кој, несомнено, ќе има големо влијание врз економијата.

Никола Поповски, поранешен министер и универзитетски професор, го истакна својот став дека периодот на транзиција од една економска позиција што со претходната влада и нејзиниот начин на управување кон нова и поинаква влада нема да биде ниту брз, како што се мислеше, ниту едноставен.

– На сите ни е познато дека движењето на БДП е многу проблематично и дека тој пет квартали по ред покажува знаци на целосна стагнација, со негово движење во маргините од минус 1,3 отсто до плус 1,2 отсто. Кумулативно реалниот БДП стагнира на граница од 0 отсто цели 15 месеци. Проекциите за пораст од над 3 отсто годишно барем сега се чинат недостижни – појасни Поповски.

Според него, наспроти ова, феноменот на постојан пад на невработеноста, без разлика на тоа како се движи нивото на економските активности, односно порастот на производството во земјава, продолжува веќе 13-та година.

– Таа сега е сведена на околу 21-22 отсто и најверојатно ќе продолжи да се намалува до нивото под 20 отсто, пред сѐ како резултат на миграциските, а не инвестициските активности на економијата во отворањето нови работни места. Фактот што македонската економија не покажува типични и логични знаци на флуктуација на стапката на невработеност заедно со флуктуацијата на БДП е среќна околност – објаснува Поповски.

Тој додава дека уште подобар е фактот дека цените и нивото на трошоците на животот се стабилни и дека стапката на инфлација е на многу ниско и прифатливо ниво.

– Во период од три години (2014-2015-2016 година) имавме состојба на годишна дефлација од -0,3, -0,3 и -0,2 отсто е нешто што треба допрва да се преоцени. Овој феномен никој досега не го истражи и не ни соопшти какви евентуални последици имаа тие три години врз националната економија. Како резултат на тоа, и каматните стапки во економијата се спуштија на многу ниско ниво, кое сѐ уште опстојува, без разлика што каматните стапки во светот полека почнаа да се зголемуваат – коментира Поповски.

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, податоците за БДП во вториот квартал даваат јасна слика за македонската економија.

– Порастот во вториот квартал годинава е позитивна вест по пет квартали стагнација. Но тој мора да го гледаме структурно. Прво, економијата го испорача овој пораст бидејќи основата од пред една година е многу ниска. Второ, забрзувањето на порастот на извозот и малото забавување кај увозот укажуваат дека во голема мера тој пораст произлегува од ТИРЗ, додека падот на бруто-инвестициите и продолжениот пад кај градежништвото укажуваат дека преостанатиот дел од главно домашна економија сѐ уште е потиснат, во исчекување, со релативно замрзната активност – вели Петрески, додавајќи дека тоа не е ни чудно во ваков политички контекст во каков што се наоѓаме сега.

Тој вели дека за да видиме пораст на широкопојасна основа, Владата ќе мора да вложи дополнителен напор.

– Планот за економски пораст има реален потенцијал да го направи тоа, но ефектите од него најрано би ги виделе идната година. Од друга страна, неизвесностите сврзани со фискалната политика мора да се елиминираат и таа да се усогласи со тој план, односно двете да не функционираат како посебни острови. Секако, најголема неизвесност е политичката, но очекувам дека тој ризик пополека ќе се намалува по референдумот – појаснува Петрески Тој нагласува дека не очекува проекцијата за пораст од 3,2 отсто е постиглива во вакви околности, меѓутоа дали ќе биде 3,2 или 2,2 отсто, според него, воопшто и не е важно.

– Важно е тој пораст да го следи отворање нови и поплатени работни места. Креирањето работни места, во услови на ваков пораст, се одвива со коректна динамика, што е некоја комбинација на работни места креирани од странските фабрики и формализација на постојни работни места – објаснува Петрески.

Како што нагласува тој, економскиот фокус понатаму би требало да биде на генерирање поквалитетни и поплатени работни места, што како процес неминовно ќе мора да биде поддржан од Владата.

– Носител на порастот на среден до долг рок би требало да гледаме во продуктивноста. Прво, трудовата продуктивност, за што е потребно да инвестираме, пред сѐ, во квалитетно образование. Второ, вкупната продуктивност на факторите на производството, што се сведува на надградување на производствените процеси, иновации, подобра работна етика, менаџерски процеси и сл. На пример, она што како технолошки процес тука го донеле странските фабрики, да го научиме и да го внесеме во домашните фабрики. Да работиме на тоа домашните да бидат доставувачи на странските фирми. Притоа, останува клучно да не се направат избрзани потези со политиките – првенствено мислам на даночната – кои ќе ја уништат таа продуктивност, особено во околности кога во Македонија преовладува желбата да се работи во јавна администрација, која се перципира како сигурна и добро платена работа, без потреба да се вложува голем напор. Напротив, треба да се генерира клима што охрабрува луѓето да вложуваат поголем напор и со тоа да постигнат подобра плата и поголема животна сатисфакција – истакна Петрески.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџет, вели дека има многу краток временски период за да се оствари проектираната стапка од 3 отсто за 2018 година.

– Доколку расте интензитетот на реализација на капиталните инвестиции, но и доколку успешно се оствари претстојниот референдум, тогаш има логика за оптимизам. Референдумот е многу важна компонента, ако не и капитална. Сѐ би било поинакво со успешен референдум – смета Беџети.

Тој додава дека ако не успее референдумот, тогаш ќе се зголеми „реката“ на емигранти кон западноевропските земји, особено младите кадри и дефицитарните профили.

Од Македонска берза појаснуваат дека со наближување на референдумот, како и при избори, берзата влегува во еден период на стагнација, иако претходно имаше заживување. Но посочуваат дека многу е побитен периодот по референдумот, кога треба да се дефинираат состојбите. Нивните очекувања се дека потоа ќе има уште поголем интерес за тргување.

Инвестицискиот брокер и директор од брокерската куќа „Еурохаус“, Сашо Дракуловски, исто така посочи дека изминатиов период се забележува подобрување на состојбата на берзата, генерално поради добрите биланси на компаниите.

– Сметам дека берзата ќе стагнира додека да помине референдумот, а секако, во зависност од случувањата по него, ќе има промени на берзата. Периодот по референдумот ќе биде побитен, што ќе се случува по него исто така ќе влијае врз случувањата на берзата. Секое движење во политиката неминовно се одразува и врз економијата, и при избори има мала резерва, па исто е и сега – заклучи Дракуловски.

Стопанската комора на Македонија ѝ даде целосна поддршка на Владата за референдумот, а по завршувањето на процесите околу членството во ЕУ и во НАТО, очекуваат помирување на политичките партии и создавање уште подобри услови за развој на економијата.