Кога четвртокот би станал петок

223
Фото: Игор Бансколиев

Четиридневна работна недела, за која сѐ почесто се зборува низ Европа и светот, според работодавците во земјава, е идејата што би можела да се примени во некои дејности, но не и во трудоинтензивните, каде што таа би имала сосема спротивен ефект од очекуваниот и би резултирала со големи загуби

Голем број помали британски компании се префрлија на четиридневна работна недела водејќи се од идејата дека скратената работна недела им ја подобрува продуктивноста на работниците и овозможува рамнотежа меѓу деловниот и приватниот живот. Расте бројот на работодавци што овозможуваат три слободни дена неделно за вработените, а притоа платите им остануваат исти, пишува британски „Гардијан“.
Колку е прифатлива идејата во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава, се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на скратена работна недела низ Европа и светот.

Работодавците истакнуваат дека идејата би можела да се примени во одредени дејности, но дека истата таа ќе има сосема спротивен ефект во трудоинтензивните дејности. Тие исто така посочуваат дека според законот сега работната недела трае 40 часа, и дека доколку се намали на 32 одредени гранки ќе претрпат преголеми загуби.
– Не е проблематично ако одредена компанија процени дека може да работи 4 наместо пет дена во неделата, и ако тоа го овозможува законот, тие да ја применат оваа новина. Но ако истото тоа стане задолжителна форма на работа, тоа за одредени гранки би било погубно. Ваква работна недела може да се примени во ИТ-индустријата, во услужните дејности, но не и во трудоинтензивните дејности каде што учеството на работникот е навистина големо – вели претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.

Тој додава дека во дејности каде што учеството на трудот е големо или, пак, поврзано со машини, кои не се исклучуваат, ваквата форма на организирање на работната недела би било погубно. Затоа Димитров препорачува дека треба да се остави можност компаниите сами да проценат дали можат да воведат четиридневна работна недела.
Професорката Емилија Стевановска објаснува дека продуктивноста на трудот е мера на економскиот пораст на една земја и дека таа го покажува количеството добра и услуги произведени во единица време, поточно продуктивноста на трудот го дава количеството на реалниот БДП произведен во еден работен час.

– На долг рок, продуктивноста на трудот по работен час е најважната детерминанта на просечното ниво на плати во економијата. Земјите чии работници произведуваат поголемо количество добра и услуги во единица време имаат повисок стандард на живеење. Во согласност со тоа, како што расте националната продуктивност, така расте и просечното ниво на плати во таа земја – појаснува Стевановска.
Според неа, идејата е утописка, не би можела да се примени секаде, бидејќи домашната економијата ќе страда од намалената конкурентност и ограничени финансии.

Сепак, примената на четиридневната работна недела низ светот зачестува и се проширува. Првично идејата се појави во Соединетите Американски Држави каде што било спроведено истражување меѓу работниците, кое покажало дека 53 отсто од Американците повеќе би сакале да имаат четиридневна работна недела со десетчасовно работно време, одошто петдневна работна недела со работно време од 8 часа.

Скратена работна недела веќе се применува низ повеќе компании во Велика Британија. Така, на пример, во последните шест месеци тоа го спровеле „Синерџи вижн“, компанија специјализирана за комуникација во медицинскиот сектор, „Електра лајтнинг“, која дизајнира светлосни уреди, произведувачот на долна облека „Лара интимејт“ и „Интерпед камера“, која произведува и извезува фотографска опрема.
– Ова беа осум убави недели со долги викенди. Два од седум дена се едвај доволни за човек да закрепне од стресната недела. Три дена се доволни да се одморите, но и да имате време нешто друго да правите – вели Нил Ноулс, консултант во „Електра“, компанија што скратената работна недела ја воведе во јануари.

Работата од понеделник до четврток за Максим Грив од „Интерпед“ стави крај за акумулираниот замор, кој го чувствувал во петок по работа. Дополнително, се кренале моралот и енергијата кај вработените, а поради чувството дека секој час работа е важен, се подобрила и продуктивноста.

Поради зачестеноста на оваа појава, министерот за финансии во сенка и член на Лабуристичката партија, Џон Мекдонел, нарача студија за утврдување на влијанието, кое би го имало префрлањето од пет на четири работни дена на британската економија, додека Шкотската национална партија следниот месец треба да расправа за воведување четиридневна работна недела во Шкотска.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Всушност, преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што денес ги знаеме.

Четиридневната работна недела беше спроведена и во финансиска компанија во Нов Зеланд, од каде што посочуваат дека продуктивноста се зголемила.

Овој модел на работа станува сѐ поприфатлив и низ балканските земји, поточно во Хрватска, каде што консултантската куќа „Логичка матрица“ вовела четиридневна работна недела на крајот на минатата година. Директорката на компанијата Рената Шепериќ Петак, посочила дека немале никакви проблеми со извршувањето на работните задачи и почитување на роковите. Напротив, работата им цвета, а стрес има помалку. Во компанијата од понеделник до четврток работат по 10 часа бидејќи законот наложува полно работно време од 40 часа неделно.

„Гардијан“ не прецизира дали британските работодавци во текот на четирите работни дена ќе ги надоместуваат работните часови од петок.

Во Македонија Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) достави предлог до Владата и до Министерство за труд и социјална политика, во новиот закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, да се воведе работен ден од седум часа, или работна недела од 35 часа. Синдикалците предлагаат за нивната иницијатива да се води широка дебата, најавуваат и дека ќе организираат тркалезна маса. Од УПОЗ нагласуваат дека ова барање не се однесува само за вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани чии права тие ги застапуваат, туку за сите вработени во државата.

– Во земјите во светот има разни опции што даваат позитивни резултати. Аргумент плус во полза на нашата идеја за скратување на работното време во Македонија е флексибилното работно време во администрацијата, кое Владата го воведе по наша иницијатива. Искуствата од него, таму каде што се применува, се одлични – вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Оцената на УПОЗ е дека со седумчасовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот, а скратувањето на работниот ден за 10,2 проценти од секој работник теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање дополнителен број работници. Од друга страна, до израз ќе дојде социјалниот аспект, односно работниците ќе имаат повеќе време за грижа за семејството и за рекреација.

УПОЗ веќе побара од Владата да се воведе работен ден од седум часа, но не и да се скрати работната недела
Фото: Игор Бансколиев

[email protected]