Кога Истокот се среќава со Западот

204
Фото: Игор Бансколиев

На првиот ден од форумот во Криница-Здруј преовладуваа прашања поврзани со европските случувања и иднината на Унијата. Интересно, официјални јазици на форумот на кои се држат сите трибини се англиски, полски и руски, односно тријазично

Александар Димковски
(Специјално за „Нова Македонија“ од Криница-Здруј, Полска)

Во Европа без граници постои една погранична точка, затскриена длабоко во високата и густа шума, каде што, традиционално, секоја година Истокот се среќава со Западот.

Од 1991 година до денес, Криница-Здруј, некогаш погранично место меѓу Полска и Словачка, израсна во синоним на нешто што се нарекува локомотива на развојот на Европа. Некои милуваат собирот да го наречат уште и инкубатор на идеи и можности, кои креираат нова вредност и го поттикнуваат порастот на економиите. Но каков и да одберете назив, нема да згрешите. Криница едноставно е бренд сам по себе. И тоа токму благодарение на економскиот форум, поради што уште се нарекува и бренд на лидерите.

Дури и самата локација, местоположба и природниот амбиент на Криница во себе содржат многу симболика. Густата шума ги отсликува мноштвото идеи што се раѓаат и кои треба да се пробијат и да го осветлат хоризонтот.

Истовремено, тука сѐ е толку чисто, идилично и едноставно. Таков е и приодот на учесниците во дебатите. Непишано правило е и најтешките и најкомплицирани прашања да се третираат на наједноставен и најразбирлив начин.
На пример, една комплексна економска тема што опфаќа редица статистички бројки и показатели се поедноставува преку една единствена реченица, која гласи: „Како да ги надминете економските тешкотии и да ги избегнете грешките кога градите модерна држава, која се темели на владеење на правото и се стреми кон континуиран економски пораст“. Појасно, здравје.

Кога пристигнувате во Криница ништо не одава впечаток дека тука се случува нешто толку големо и важно, со учество на светската политичка и бизнис-елита. Градот го живее својот вообичаен мирен живот, полека и ненаметливо. Впечатокот целосно се менува кога ќе се доближите до Конгресниот центар, каде што се одржува форумот. Тука веќе напнатоста, динамиката и брзината на случувањата нагло се зголемуваат.

да сте уфрлиле од прва во петта брзина. Уште надвор, на влезот, безбедносните служби ја проверуваат и електронски ја вчитуваат секоја идентификациска картичка пред да пуштат некого внатре. Истата постапка потоа се повторува и при влезот во која било сала, каде што се одржуваат панел-дискусиите. Таму, пак, на првиот ден од форумот, преовладуваа прашања поврзани со европските случувања и иднината на Унијата. Интересно, официјални јазици на форумот на кои се држат сите трибини се англиски, полски и руски, односно тријазично.

На една од дискусиите, која се однесуваше на асоцијацијата со Европската Унија и што понатаму, Лазар Команеску, поранешен министер за надворешни работи на Романија, повикувајќи се на искуството на неговата земја, истакна дека приемот во ЕУ не е крај на патот и многу работа ја чека секоја земја и потоа.

– Помеѓу прашањето Европа на заеднички вредности или на заеднички интереси, би ги одбрал и двете. Не треба да ги делиме, бидејќи и двете се важни – истакна Команеску.
Според Зигмунт Бердиховски, претседавач на програмскиот совет на Економскиот форум, токму овој настан е важен чекор кон зацврстување на партнерството помеѓу Европската Унија и нејзините соседни земји, како и за поттикнување и зајакнување на иницијативите за проширувањето на ЕУ во регионот.

– Форумот нуди исклучителна можност за размена на искуства и планови, како и разговори за можна соработка. По повеќе декади од падот на комунизмот во Централна и Источна Европа, форумот во Криница претставува единствена платформа да се посочат клучните економски и политички прашања не само за регионот туку и во една многу поширока перспектива – вели Бердиховски.

Меѓу поинтересните теми на првиот ден од форумот беше и дебатата за поврзаноста на економијата и политиката и кој е рецептот за економски пораст на која беше констатирано дека оние земји што имаат повеќе дигитални компании имаат и поголем бруто домашен производ. Притоа од страна на панелистите беше посочено дека една дигитална компанија вреди колку девет недигитални компании, а најголем капитал е човечкиот капитал. Она што државите и политичките структури треба да го направат е да обезбедат добра регулаторна рамка, како и фер и рамноправни услови за функционирање на компаниите и пазарот, беше клучната порака од дебатата.

Валери Симеонов, заменик-премиер за економија и демографска политика на Бугарија, истакна дека неговата земја поставила за цел да работи на присоединување на Западен Балкан кон ЕУ. Во тој правец тој спомена и редица инфраструктурни проекти, како Коридорот 8 и Коридорот 10, како и подобрување на гасоводните врски меѓу земјите.

Инаку, според изјавите на повеќето од соговорниците, форумот со текот на годините прераснал и станал најпознато и најпопуларно место за средба на претприемачите од целиот свет.

Во целина, сите настани се поделени во шест пленарни сесии, но со голем број панели и дебати. Тематските групи се исто така многубројни и опфаќаат повеќе суштествени области, меѓу кои инвестиции и развој, макроекономија, информациска безбедност, нови економии, државите и реформите, меѓународна политика итн. За тоа колкав е бројот на панели и дебати доволен показател е податокот што програмата во која се само наведени сите предвидени активности и која домаќините им ја поделија на учесниците содржи повеќе од 400 страници.