Фото: Игор Бансколиев

Очекувањата се дека откако ќе бидат укинати рестриктивните мерки, жените ќе имаат поголеми тешкотии од мажите да се вратат на работа

Пандемијата на ковид-19 се заканува дека ќе го загрози напредокот што беше постигнат во намалување на економскиот јаз меѓу мажите и жените во последниве триесетина години. Ова го посочува претседателката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, која во своето обраќање рече дека со добро дизајнирана политика за поттикнување на закрепнувањето може да се ублажат негативните ефекти од кризата врз жените и да се спречи понатамошен раст на родовата нееднаквост. Во текстот е посочено дека има неколку причини што влијаат врз влошување на економскиот статус на жените повеќе отколку кај мажите поради пандемијата, а една од главните причини поради кои жените ќе бидат повеќе погодени од мажите е фактот што жените претежно работат во социјалните сектори, како што се услужните дејности, трговијата на мало, туризмот и угостителството, дејности за кои е потребна интеракција лице в лице. Токму овие сектори се најтешко погодени од мерките за физичко дистанцирање и ублажување.

– Во Соединетите Американски Држави, невработеноста кај жените порасна за два процентни поени повеќе отколку кај мажите во периодот од април до јуни 2020 година. Поради природата на нивните работни места, тие не можат да работат од дома, преку телефон или интернет. Во САД околу 54 проценти од жените што работат во социјални сектори не можат да вршат работа преку телефон, додека пак во Бразил дури 67 проценти од вработените во секторот. Во земјите со ниски приходи состојбите се уште полоши, бидејќи само околу 12 проценти од населението се во состојба да работат од далечина – напиша Георгиева.

Пандемијата ќе го зголеми бројот на луѓе што живеат во сиромаштија

Како втора причина за поголемо влошување на состојбите кај жените, според претставниците на ММФ, е и фактот дека жените повеќе работат во неформалниот сектор во земјите со ниски приходи. Појаснуваат дека при неформално вработување, честопати работата се компензира со готовина без надзор од институциите, при што жените добиваат помала плата и немаат заштита од законите за работни односи ниту пензиско или здравствено осигурување.
– Животните средства на неформалните работници се многу попогодени од кризата од ковид-19. Во Колумбија, сиромаштијата на жените се зголеми за 3,3 проценти, поради затворањето на економските активности. ООН проценува дека пандемијата ќе го зголеми бројот на луѓе што живеат во сиромаштија во Латинска Америка и Карибите за 15,9 милиони, со што вкупниот број на луѓе што живеат во сиромаштија ќе достигне 214 милиони, од кои многу жени и девојчиња – истакнува Георгиева во текстот што го објави ММФ.

Уште една причина поради која од ММФ посочуваат дека ќе расте родовиот јаз е и тенденцијата жените да вршат повеќе неплатени работи во домаќинството отколку мажите, или точно 2,7 часа на ден. Истакнуваат дека жените ги преземаат одговорностите за семејството, кои се зголемија поради мерките за сузбивање на вирусот, како што се затворањето на училиштата и мерките на претпазливост за родители на ранливите деца. Очекувањата се дека откако ќе бидат укинати мерките жените ќе имаат поголеми тешкотии од мажите да се вратат на работа. Во Канада било регистрирано дека вработеноста на жените се зголемила за 1,1 процент во споредба со 2,4 проценти за мажите по укинувањето на рестриктивните мерки. Како главна причина била посочена потребата и понатаму некој да се грижи за децата под шестгодишна возраст, при што мажите имаат речиси трипати поголема веројатност да се вратат на работа отколку жените.

Со одговорни фискални политики до помал родов јаз

ММФ посочува исто така дека поради пандемијата, жените во многу земји во развој, особено младите девојки се принудени да се откажат од училиште и да работат за да го дополнат приходот на домаќинствата. Без образование, девојките или жените имаат трајна загуба на човечкиот капитал, го жртвуваат растот на продуктивноста и го продолжуваат циклусот на сиромаштија кај жените.
– Клучно е креаторите на политиките да усвојат мерки за ограничување на ефектите на пандемијата врз жените. Ова може да вклучува фокус на проширување на приходите за ранливите категории, зачувување на врските за вработување, обезбедување мотиви за балансирање на работата и одговорностите за грижа на семејството, подобрување на пристапот до здравствена заштита и планирање на семејството и проширување на поддршката за малите бизниси и самовработените. Елиминација на правните бариери против економското зајакнување на жените е исто така приоритет. Некои земји брзо се приближија кон усвојување на некои од овие политики – истакнуваат претставниците на ММФ.

Од оваа институција ги истакнаа мерките од неколку земји што ги презедоа за заштита на родителите и на жените поради ударот од корона-кризата. Нагласуваат дека Австрија, Италија, Португалија и Словенија се држави што воведоа законско право на (делумно) платен одмор за родители со деца под одредена возраст. Додека, пак, Франција ги прошири боледувањата на родителите погодени од затворањето на училиштата доколку не можат да најдат алтернативна грижа за децата или работни аранжмани.
– Лидерите на Латинска Америка ја основаа Коалицијата за дејствување за економско зајакнување на жените, како дел од поширокиот напор на целата влада за зголемување на учеството на жените во постпандемиското економско закрепнување. Во Того, 65 проценти од учесниците во новата програма за пренос на готовина се жени. Програмата им овозможува на неформалните работници да добијат грантови од 30 проценти од минималната плата. На долг рок, политиките може да бидат дизајнирани да се справат со родовата нееднаквост преку создавање услови и стимулации за работа на жените. Особено ефикасни се родово одговорните фискални политики, како што се инвестирање во образованието и инфраструктурата, субвенционирање на грижата за децата и нудење родителско отсуство. Овие политики не се клучни само за да се отстранат ограничувањата врз економското зајакнување на жените туку тие се неопходни за да се промовира инклузивно закрепнување по пандемијата на ковид-19 – посочуваат од ММФ.

Жените во Македонија земаат 12 отсто пониска плата во однос на мажите

Родовата нееднаквост е присутна и во македонското општество, а македонскиот пазар на труд се соочува со родова нееднаквост е забележано во Извештајот на ЕУ за напредокот на земјава за 2019 година, според кој родовиот јаз на пазарот на трудот е значаен, при што околу 78 отсто од мажите учествуваат на пазарот на трудот, споредено со 52 проценти од жените, со мала промена во последните пет години.
Истражувањето што го спроведе институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ покажа дека стапката на вработеност кај жените е 35,8 проценти и е многу пониска од таа кај мажите, која достигнува 54,4 отсто. Од овој институт посочуваат дека само 44,6 проценти од работоспособните жени во земјава се активни, додека кај мажите активноста достигнува 69,2 отсто.

– Вработените жени се соочуваат со други видови нееднаквост, како пониски плати и подвработеност. Жените се почесто неплатени семејни работници и почесто примаат пониски плати од мажите. Според анкетата за работни сила, 10,9 отсто од жените се неплатени семејни работници, наспроти 3,8 проценти од мажите. Во однос на платите, жените се повеќе застапени на пониско платени работни места, така што само 8,1 отсто од вработените жени земаат плата повисока од 25.000 денари, за разлика од 13,1 процент од мажите. Дополнително, според наше претходно истражување, во земјава постои родов јаз во платите од 12 проценти, што значи дека за работно место од иста вредност, жените земаат 12 отсто пониска плата во однос на мажите – истакнуваат од „Фајненс тинк“.