Ковид-19 значително ги влоши трговските врски

177

Ширењето на коронавирусот во Европа го почувствуваа домашните компании од сите дејности, пред сѐ компаниите што соработуваат со компании од Европската Унија, поточно со германските и со италијанските фирми, посочуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија и додаваат дека некои од компаниите го реорганизирале целиот процес на производство, па дури и се обидувале и правеле напори да најдат нови пазари

Пад на извозот и на вкупната трговска размена, поради мерките за спречување на ширењето на пандемијата на ковид-19, регистрирале земјите-членки на Европската Унија. Како што наведува „Евростат“ во својот последен извештај за трговската размена, за да се спречи ширењето на пандемијата земјите низ светот презедоа различни рестриктивни мерки, а бројките од март 2020 година веќе го покажуваат загрижувачкото влијание.
– Во март 2020 година, вкупната надворешна трговија на ЕУ (увоз и извоз) се намали од 252 милијарди евра на 228 милијарди евра во однос на јануари 2020 година. Сепак, влијанието варираше за различни групи производи. Во однос на извозот на стоки надвор од ЕУ, најголем пад во апсолутна смисла е забележан во групата машини и возила (- 14 милијарди евра, – 20 проценти), потоа кај други произведени стоки (- 7 милијарди евра, -16 отсто) во однос на јануари 2020 година, како и пад во групата енергијата (- 2 милијарди евра, -25 проценти).

Иако се забележува генерален пад во вкупната размена, има пораст на извозот на хемикалии за 4 милијарди евра или за 4 отсто во споменатиот период – се наведува во соопштението на „Евростат“.
Во соопштението, меѓу другото, се појаснува дека има намалување и на увозот во споменатите категории, поточно на увозот на машини и возила за 8 милијарди евра, или намалување од 15 проценти, како и кај увозот на други произведени стоки за 7 милијарди евра, или 16 отсто. Најголем пад во апсолутна и релативна смисла е забележан кај увозот на енергија, и тоа во вредност од 9 милијарди евра, или 31 процент.

– Вкупната трговија е намалена за сите производи, освен за хемикалиите, при што најголем пад има кај машините и возилата, други произведени стоки и енергијата. Овие промени влијаат на трговскиот биланс на различни начини. Растот на трговијата со хемикалии имаше позитивен ефект врз трговскиот биланс. Од друга страна, намалувањето на вкупната трговија со машини и возила имаше негативен ефект врз трговскиот биланс, додека кај енергијата имаше позитивен ефект. Кај групата други произведени стоки, намалувањето беше скоро рамномерно избалансирано помеѓу извозот и увозот и не предизвика голема промена во трговскиот биланс – појаснуваат од „Евростат“.

И во Македонија вкупната трговска размена во периодот јануари – март 2020 година забележа пад од 8,1 отсто во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите спроводници… Во увозот најзастапени се платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали… Најголемиот дел од трговската размена Македонија го направила со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Бугарија.
Неодамна ДЗС објави и намалување на индустриското производство во месец април 2020 г. во однос на истиот месец минатата година од 33,5 проценти, додека за период јануари – април 2020 година во однос на истиот периодот лани производството бележи пад од 11,2 проценти.

– Годинава ја почнавме со раст на индустриското производство од 1,9 процент во однос на јануари – февруари претходната година, кој е резултат на повисокиот раст кај рударството и вадењето камен од 8,6 отсто и порастот кај преработувачката индустрија од 5,6 проценти. Но како резултат на здравствено-економската криза од појавата на пандемијата на ковид-19, кај преработувачката индустрија само во април 2020 година во однос на април 2019 година има опаѓање на индустриското производство од 41,5 процент, а во првите 4 месеци оваа година споредено со претходната година имаме намалување од 12,1 отсто. Генерално, состојбите се различни во различните сектори, имаше сектори кај кои и во изминатиот период непречено се одвиваа извозните активности и имаше стабилна состојба со нарачки од странските партнери. Така, на пример, дејностите од хемиската индустрија, фармацевтските производи и производите од гума, кај кои има во континуитет во растот на индустриското производство – објаснуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ додаваат дека кај дел од дејностите што функционираат на принцип на подолгорочни нарачки, како на пример металуршкиот сектор не се почувствувал поголем застој во првите месеци по започнувањето на здравствено-економската криза бидејќи овие компании работеле на испорачување на нарачките пристигнати во првите два месеца од годината.
– Поголемо забавување на извозните текови се чувствува сега. Кај дел од дејностите како текстилен сектор, кожарска индустрија и други извозни подоходни дејности сѐ уште е присутна неизвесност за наредниот период. Од друга страна, текот на активностите во автомобилската индустрија зависи од глобалните текови и соодветно го одразува движењето на светските пазари. Постепено заздравување и повторно очекување на позитивни стапки на раст на индустриското производство се очекуваат во наредните месеци, пред сѐ во третиот и четвртиот квартал од оваа година – истакнуваат од стопанската комора и додаваат бидејќи сме пазарно стопанство, најголем дел од компаниите се извозно ориентирани, нивното производство и извоз зависи од странските партнери и состојбите на тие пазари.

– Ширењето на коронавирусот во Европа го почувствуваа домашните компании скоро од сите дејности, пред сѐ компании што соработуваат со компании од Европската Унија, поточно со германските и со италијанските фирми. Дел од компаниите го реорганизираа целиот процес на производство, се обидуваа и правеа напори во овој период да најдат нови пазари, но сепак тоа не е толку лесно и едноставно. Стопанската комора на Македонија во изминатиот период максимално ги пренасочи своите активности кон обезбедување помош и поддршка за компаниите за наоѓање нови пазари и деловни партнери во новонастанатите околности, активностите се преориентираа кон организација на онлајн состаноци, учество на македонските компании на виртуелни саеми и користење дигитални платформи за Б2Б-средби – појаснуваат од СКМ.


Последиците за компаниите нема да завршат со завршување на здравствено-економската криза

Претставниците на стопанските комори посочуваат дека последиците за компаниите нема да завршат само со завршување на оваа здравствено-економска криза, туку истите тие ќе бидат видливи подолг временски приод, од причини што и странските партнери работат со намалени капацитети и драстично им се намалени продажбите на производите.
– Компаниите во наредниот период ќе мора да се снаоѓаат, да бараат можности и нови пазари, да го приспособуваат и реорганизираат производството за да успеат да ја пребродат оваа криза – истакнуваат од СКМ.