Ковачевски: ЕСМ работи на исполнување на европските стандарди во енергетиката

118
Фото: Архива

Производството и протокот на енергија не смее да запре и покрај отежнатите услови од ковид пандемијата кои може да се влошат во претстојниот период, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето обраќање при отворањето на конференцијата на Здружението на енергетичарите-ЗЕМАК, која годинава се одржа
како вебинар.

– Оваа криза не смее да не спречи во нашата работа како енергетски компании и како енергетичари. Исто така, не смее да запре ниту научниот дел поткрепен со емпиријата од секојдневниот работен процес, затоа што новите трендови во енергетиката веќе се отпочнати и течат и истите мора да се спроведуваат понатаму согласно преземените обврски на национално и на светско ниво. А за сето тоа се потребни истражувања, студии на случај, сублимирање на податоци и резултати, анализи… – изјави Ковачевски, кој ја поздрави разновидноста на темите со кои учесниците се пријавени за годинешната конференција.

– Евидентно е дека на листата на трудови на оваа конференција се наоѓаат теми кои произлегуваат и се однесуваат на традиционалните извори на енергија, како и теми поврзани со обновливите извори на енергија, што покажува дека кај нас е многу висока свесноста за новите трендови и новите обврски на тоа поле, кои како што кажав ги имаме прифатено на национално ниво и мораме да се усогласиме со европската регулатива и европските стандарди. Во овој контекст сакам да потенцирам дека АД ЕСМ посветено работи на модернизирање на своите традиционални производни капацитети на електрична енергија, конкретно термоелектраните, со цел нивно усогласување со пропишаните европски стандарди во однос на ниска стапка на загадување. Понатаму, ги санираме хидроелектраните за оптимизација на производството на електрична енергија од вода и што помала загуба и на овој ресурс. Исто така, ги прошируваме постоечките производни капацитети кои почиваат на ветерна енергија, а почнавме изградба и на фотоволтаични електрани, односно во нашето портфолио внесуваме и производство на електрична енергија од сонце – изјави Ковачевски. М.М.