Клучните слабости на економијата остануваат

1123
Економијата и натаму страда поради недоволни капитални инвестиции, вклучувајќи и делови од јавната инфраструктура Фото: Дарко Андоновски

За да ѝ се овозможи на земјата да ги исполни обврските за членство, ЕК препорачува да се подготви во многу области, вклучувајќи ги конкурентноста, транспортот и енергијата, а како клучни слабости во економијата ги наведува големата неформална економија и слабото спроведување на бизнис-договорите

Македонија постигна одреден напредок и е на добар степен на подготовка за развој на функционална пазарна економија, а исто така е и умерено подготвена да се соочи со конкуренцијата на европскиот пазар. И покрај политичкиот случувања во првата половина од годината, забележани се подобрувања, особено во управувањето со јавните финансии и транспарентноста, оценува Европската комисија во извештајот за исполнувањето на економските критериуми на земјава. Но, сепак, долгорочните слабости на економијата, како што е неактивноста на пазарот на труд, сивата економија, слабото спроведување на договорите, слабите инвестиции остануваат.
За создавање услови за долгорочен економски пораст, ЕК препорачува воспоставување среднорочна буџетска рамка, фискална консолидација и целно трошење, подобрување на законодавството, намалување на неформалниот сектор, зајакнување на пазарот на труд и овозможување услови за поголема вработеност, особено на жените и на младите.

Иван Вчков, аналитичар во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека клучните слабости на економијата во Македонија остануваат.
– Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност – смета Вчков.

За да ѝ се овозможи на земјата да ги исполни обврските за членство, ЕК препорачува да се подготви во многу области, вклучувајќи ги конкурентноста, транспортот и енергијата, а како клучни слабости во економијата ги наведува големата неформална економија и слабото спроведување на бизнис-договорите.
– Структурните проблеми на пазарот на труд се рефлектираат со слаба активност и висока стапка на невработеност. Макроекономските показатели се влошија во првата половина на 2017-та, со ескалирањето на политичката криза, а тоа влијаеше и на нивото на инвестиции. Недостига долгорочен план за консолидација на фискалната политика – се нагласува во извештајот на ЕК.

Се препорачуваат натамошни мерки за диверзификација на извозот и воведување поголема резултатска вредност во производствениот сектор.
– Трговските и инвестициските односи со ЕУ продолжуваат да се интензивираат. Економијата и натаму страда поради несоодветната образовна структура на пазарот на труд, недоволни капитални инвестиции, вклучувајќи и делови од јавната инфраструктура, како и немањето технолошки иновации – посочуваат од ЕК.
„Фајненс тинк“ оценува дека извештајот дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, забележувајќи одреден напредок.

– Ваквата оцена на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за дефокусот на економските прашања во претходниот период, и оттука извештајот во економскиот дел не е изненадување. Слично како и домашната експертска јавност, и извештајот препознава дека планот за економски пораст на Владата има потенцијал да ги помрдне од мртвата точка овие инхибитори на економскиот пораст и развој, но за согледување на првичните исходи треба да се почекаат неколку години – појаснува Вчков.
„Фајненс тинк“ смета дека има напредок на одредени владини економски потези, но главно од кратокорочен карактер, додека долгорочните слабости остануваат.

– Почетокот на фискалната консолидација е оценет како добар потег, но нејзината долгорочна насока е оценета како недоволно јасна. Ова коинцидира со потребата од среднорочно буџетско планирање, кое е во најава од страна на Министерството за финансии, но е во колизија со несигурноста што Владата ја наметна во економијата во поглед на даночната политика. Особено, воведувањето прогресивен персонален данок беше одложено од 2018 за 2019 година, со значајни внатрешни несогласувања во Владата, кои во меѓувреме излегоа на површина. Ваквата позиција во економијата, извештајот ја наведува индиректно, преку укажување за потребата да се зајакне долгорочното планирање на економските политики, за да се намали економската неизвесност – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

Како што вели Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, во изминатите неколку години не се случија некои драстични промени во домашниот реален сектор.
– Фирмите беа соочени со неизвесност во поглед на решавањето на внатрешната политичка криза, не влегувајќи во големи инвестиции и, во многу чест случај, настојуваа да останат што е помалку повредени од кризните случувања, за да можат, што е можно поподготвено, да влезат во нови стопански потфати во идните, да се надеваме, помирни надворешни и внатрешни економски и политички услови на дејствување – вели Неновски.

Според него, тоа било сосема логично во тие кризните економски години, до одреден степен, да се намали странската побарувачка, затоа што нашите партнери, поради свои внатрешни проблеми, беа соочени со потребата од одредено редуцирање на нивниот увоз.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, добро е што ЕК констатирала дека владиниот План за економски пораст има потенцијал, но дека тој потенцијал треба да се претвори во акција и резултат.
– Потенцијалот не е доволен, на крајот се мерат резултатите. Јас сум сигурен дека таквиот план за економски пораст на крајот ќе даде резултати – истакна Анѓушев.
Анѓушев се согласува со укажувањето во извештајот дека треба да се сузбие сивата економија, која, како што вели, е присутна во сите сегменти на живеењето во Македонија.

– Тргнете, на пример, од земјоделските производи како се откупуваат, па како се продаваат на пазарите, па како се дистрибуираат. Сето тоа е надвор од финансискиот систем на државата и мора да се бориме со тоа. Затоа и ќе формираме одредени активности во таа насока, со активирање на агроберзата – објаснува Анѓушев.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити, вели дека по надминување на политичката криза полека почнале да растат инвестициите и личната потрошувачка.
– Остварлива е стапката на економскиот пораст на земјава од 3,2 отсто за оваа година, иако ММФ и Светска банка деновиве излегоа со проекција дека годинава економскиот пораст ќе биде 2,8 отсто – нагласува Фити.
Како што објаснува тој, многу е важно како ќе се држи извозот, бидејќи таму има квалитативни подобрувања, поместувања, благодарение на странските инвестиции во зоните.
– Што значи оваа стапка од 3,2 отсто е остварлива. Инаку, Македонија не оваа година, туку во 2019 година и натаму мора да направи сѐ за да ја зголеми стапката на пораст меѓу 4,5 и 5 отсто. Тоа е потенцијалот на македонската економија ако сакаме да одиме напред – вели Фити.
Светска банка во извештајот за глобалните економски перспективи оцени дека порастот за 2019 година би бил 3,9 отсто, а во 2020 година 4 отсто. Во регионот највисок пораст во 2018 година ќе има Косово од 4,8 отсто. Повисок пораст на економијата од Македонија ќе имаат и Албанија и Бугарија, Босна и Херцеговина ќе има ист пораст како и земјава, а послаби резултати ќе имаат Србија, Црна Гора и Хрватска.