Кина го отвора пазарот за странски инвеститори

131

Кина ќе им дозволи на странските инвеститори пристап до кинескиот пазар и ќе ја засили заштитата на интелектуалната сопственост, најави во Мадрид кинескиот претседател Си Џинпинг.

Во обраќање пред членовите на Горниот дом на шпанскиот Парламент, Си посочи дека Кина планира во следните пет години да увезе стоки во вредност од 10 трилиони американски долари.

– Кина ќе вложи напори уште повеќе да ги отвори своите врати кон надворешниот свет и ќе се обиде да го рационализира пристапот до нејзиниот пазар во области како што се инвестициите и заштитата на интелектуалната сопственост – нагласи кинескиот претседател.

Си престојува во официјална посета на Шпанија, при која се предвидени негови средби со претставници на шпанските власти.