Канцероген индиски сусам бил увезен и во Македонија

3504

Сите оператори со прехранбени производи што добиле серија продукти што не се во согласност со регулативата на ЕУ ги повлекуваат производите од пазарот, а меѓу нив, освен семе од сусам, има и други производи во кои е вградено тоа, како што се разни крекери, закуски, мешавини од леб…

Поголемо количество сусам со потекло од Индија за кој европските регулаторни тела утврдиле дека го содржи штетниот пестицид етилен оксид, над дозволената граница, неодамна било уништено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а било издадено и решение за повлекување на небезбедниот производ доколку тој евентуално се појави во промет. Оваа вчера го соопштија од Агенцијата, откога „Нова Македонија“, за да ги информира своите читатели за евентуална опасност, побара објаснување за објавите во медиумите низ Европа дека целиот континент е преплавен со канцерогениот производ.
– Како контакт-точка за Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (РАСФФ) на Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство доби нотификации за увоз на небезбеден сусам по потекло од Индија, во кој е утврдено присуство на резидуи од пестицидот етилен оксид. По приемот на првата нотификација во септември минатата година, инспекциските служби на Агенцијата презедоа мерки во согласност со законските надлежности. Извршена е вонредна инспекциска контрола кај увозникот. Небезбедниот производ во количество од 280 килограми е повлечен од промет и безбедно поништен на депонијата Дрисла. Во вториот случај, при примената нотификација од системот РАСФФ на 6.11.2020 година, инспекциските служби на АХВ направиле контрола во магацините на увозникот на сусам за нашава земја и утврдиле дека небезбедните лотови од производот наведени во нотификацијата не се најдени во магацините, но за да се превенира пласирање на небезбеден производ на пазарот, надлежниот инспектор издал и решение за евентуално повлекување на небезбедниот производ од прометот – се вели во соопштението од Агенцијата.

Во Македонија важат истите правила за безбедност на храната како и во ЕУ?

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), пак, рекоа дека, како небезбеден производ, истиот тој не би требало да го има на нашиот пазар и истакнаа оти, доколку такви производи сепак успеале да влезат на пазарот, треба веднаш да се отстранат.
– Прво треба да се провери дали тој тип на производ воопшто го има на нашиот пазар и дали бил користен од потрошувачите, да се утврди колкава е штетата. Како небезбеден производ истиот тој не би требало да се наоѓа на нашиот пазар, но и тоа може да се случи, како што се случило и во другите европски земји. Честопати кај нас ако одреден производ доаѓа од европска земја, се проверува само дали составот одговара со прописите, не секогаш се земаат мостри за дополнителни контроли. Се надевам дека ако досега не е преземено нешто за отстранување на ваквите сомнителни производи, доколку истите тие ги има на нашиот пазар, наскоро надлежните ќе ги отстранат. Во Македонија важат истите правила како и во Европската Унија во поглед на законодавството за безбедност на храната, бидејќи храната е многу важна, па затоа се инсистираше да се приспособат сите правилници со правилата во ЕУ и ако тоа не е во самиот Закон за безбедност на храната, тогаш е во подзаконските акти – објаснува Маријана Лончар Велкова од ОПМ.

Наедно Лончар Велкова укажа дека преку европскиот систем за брзо предупредување (РАСФФ) алармира до сите институции во државите-членки на Унијата, но и оние што не се членки за недоследности или непочитување на правилата за пласирање храна.
Токму на тој начин, според објавите во европските медиуми, биле информирани властите во одделните земји, по што и следувале акции за повлекување на овој производ од продажба.
– За присуството на пестицидот етилен оксид над дозволената граница, регистрирано во семе од сусам, е алармирано преку Системот за брза тревога за храна и добиточна храна (РАСФФ) меѓу земјите-членки на ЕУ и трети земји. Досега е утврдено дека сусамот потекнува од Индија – изјавил раководителот на хрватскиот оддел за РАСФФ, Ален Петришевиќ.

Неправилностите прво биле детектирани во Белгија

Првиот аларм за високо ниво етилен оксид во одредени семиња било пријавено уште во септември минатата година, и тоа за семе од сусам со потекло или испратено од Индија. Во согласност со регулативата на Европската Унија, во ова семе било утврдено дури илјада пати поголемо присуство на етилен оксид од максималното ниво од 0,05 милиграми на килограм производ. Европската Унија утврдила дека ваквата контаминација претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето, затоа што етилен оксидот е класифициран како канцероген и репродуктивно токсичен и исто така не е одобрен за употреба во производи за заштита на растенијата во Унијата.
Што се однесува до семето од сусам што отстапува од правилата на Унијата, неправилности прво биле детектирани во Белгија, која прва предупредила за поголемото количество етилен оксид преку европскиот систем за брзо предупредување РАСФФ, поради што спорните производи им биле вратени на дистрибутерите. По ова предупредување, ЕУ ги обврзала увозниците да го анализираат семето со потекло од Индија на границите.
Како што наведуваат медиумите во регионот, сите оператори со прехранбени производи што добиле серија производи што не се во согласност со регулативата ги повлекуваат производите од пазарот, а меѓу нив, освен семе од сусам, има и други производи во кои е вградено семе од сусам, како што се разни крекери, закуски, мешавини од леб…

– Направени се дополнителни анализи на посочениот производ од Индија, а се зголеми и бројот на неусогласени серии на производи, како и бројот на известувања во системот РАСФФ, кои важеа и за нашата земја – објаснил Петришевиќ.
Според негова процена, некои од производите стигнале до крајните потрошувачи, но, сепак, уверува дека оваа година немало нови случаи на пласирање на овие производи на пазарот. Тој дополнува дека некои од субјектите ги повлекле готовите производи од пазарот од превентивни причини, иако не докажале присуство на етилен оксид или, пак, имале количество под максимално дозволената граница за овој пестицид. Петричевиќ нагласува дека секое непочитување бара дополнителни инспекции, процедури и повлекувања, на што субјектите реагираат со зголемување на самоконтролата, избирање нови побезбедни и поодговорни деловни партнери, со што се намалува појавата на некои поголеми сериозни инциденти.

Канцерогени, мутагени и генотоксични својства

Од податоците што се достапни во јавноста, етилен оксидот е безбоен, отровен и запалив гас што формира експлозивна мешавина со воздух и служи како средство за работа во многу органски синтези. Се користи како пестицид за храна и текстил, за стерилизација на хируршки инструменти и како суровина за подготовка на органски соединенија. Спаѓа во групата на загадувачи што може да предизвикаат хронични заболувања кај консументите доколку се внесува подолг временски период и има канцерогени, мутагени или генотоксични својства.
Претставникот на хрватскиот оддел за РАСФФ, Петришевиќ, исто така појаснува дека во зависност од количеството на индивидуален агенс во производот, временскиот период на изложеност на потрошувачот, возраста и просечната тежина на поединецот играат улога во степенот на штетата што може да ја направи консумацијата на ваков производ.