Како се рефлектираат буџетарите и минималецот врз продуктивноста

189
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првите предупредувања пристигнаа од Светска банка, од каде што укажаа дека властите во земјава треба да внимаваат со зголемувањата на платите во јавниот сектор, но и на минималната плата генерално, бидејќи тоа е поврзано со намалената продуктивност и ја загрозува конкурентноста на економијата

Македонија е меѓу земјите со најниска продуктивност во регионот и во Европа, но она што е уште позначајно е фактот дека истата таа се намалува, за што сведочат извештаите на Народна банка. За негативниот тренд зборуваше и премиерот Зоран Заев во еден од неговите неодамнешни телевизиски настапи.
– Продуктивноста на просечниот граѓанин е 38 отсто од продуктивноста во Германија, Франција, Швајцарија и слично. Мораме да го дигнеме нивото на трудољубивост, на продуктивност севкупно, ако сакаме да добиеме повисоки плати – изјави Заев.

Иако е тешко да се објасни како е направена оваа пресметка во услови на високо ниво на сива економија и на непрецизно евидентирани вработувања во јавниот сектор, она што го прави Владата, според укажувањата на експертите, е токму спротивното. Првите предупредувања пристигнаа од Светска банка, од каде што укажаа дека властите во земјава треба да внимаваат со зголемувањата на платите во јавниот сектор, но и на минималната плата генерално, бидејќи тоа е поврзано со намалената продуктивност и може да ја загрози конкурентноста на економијата.

– Највисоките зголемувања на платите беа во здравството, образованието, социјалната заштита, транспортот, градежништвото и во земјоделството. Континуираниот тренд на зголемување на платите особено во трудово интензивните дејности, заедно со намалувањето на продуктивноста на трудот во повеќето сектори ја загрозува конкурентноста на економијата, бидејќи единечната цена на трудот се зголемува – пишува во извештајот на Светска банка.

Според светските банкари, зголемувањето на минималецот мора да биде придружен со раст на продуктивноста, инаку на среден рок економијата ќе се соочи со намалена продуктивност. Тие посочуваат дека во првите шест месеци од годинава платите во Македонија пораснале за два отсто, додека во Србија за седум проценти. Но истакнуваат дека разликата меѓу двете земји е и во основата, бидејќи во Македонија растот на просекот го крепат буџетарите, а кај северниот сосед тој е поттикнат од приватниот сектор.

– Продуктивноста на трудот во Македонија е најмала во регионот, а помала имаат само Косово и Босна и Херцеговина. Вкупната продуктивност е резултат на продуктивноста на трудот и продуктивноста на капиталот. Додека продуктивноста на трудот зависи од обученоста на работниците и нивната мотивираност, продуктивноста на капиталот зависи од развојот на технологијата, структурата на индустријата и од вкупните инвестиции во опрема што се направени во минатото. За жал, Македонија од осамостојувањето до денес ја намали продуктивноста и на трудот и на капиталот. Работниците, како резултат на лошото образование, се сѐ понеспособни и понеквалификувани, а инвестициите во наука, иновации и во нови технологии заостануваат од развиените земји – вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.

Тој додава дека ваквата состојба довела до многу неповолна структура на индустријата каде што преовладуваат сектори со ниска продуктивност и ниска додадена вредност. Крајниот резултат се ниските стапки на раст и малиот БДП по жител.

– За да се измени ваквата состојба, потребно е да се вложува и во двата фактора, и во трудот и во капиталот. Без нови инвестиции во образованието, науката, новите технологии и современа опрема, нашите желби за побрз раст ќе останат само на хартија – истакнува Димитров.

Инаку Народна банка, во својот последен квартален извештај, посочува дека намалувањето во продуктивноста на трудот, кое било забележано во првиот квартал, продолжило и во вториот.

– Во однос на продуктивноста на трудот, годишното намалување што беше забележано во првиот квартал, продолжи и во вториот квартал на 2019 година. Во услови на посилен раст на вработеноста од растот на додадената вредност, продуктивноста на трудот се намали за 2,4 отсто (пад од 1,3 процент во претходниот квартал). Гледано по сектори, намалувањето во вториот квартал произлегува од падот на продуктивноста во сите три сектори (услужен, индустрија, земјоделство), но во најголема мера се објаснува со пониската продуктивност во услужниот сектор. Продолжениот раст на платите, при истовремен пад на продуктивноста, доведе до понатамошно забрзување на растот на трошоците за труд по единица производ, кој во вториот квартал достигна 8,2 отсто (7,9 проценти во претходниот квартал). Притоа, најголемиот дел од растот се објаснува со повисоките трошоци во услужниот сектор, при мал раст на трошоците во индустријата и минимално намалување на трошоците во секторот земјоделство – пишува во извештајот на Народна банка.

Фото: Дарко Андоновски